• петок, 22 ноември 2024

ФК Тетекс бара достапност до стадионите, ќе поведат постапки за дискриминација до институциите

ФК Тетекс бара достапност до стадионите, ќе поведат постапки за дискриминација до институциите

Тетово, 18 август 2023 (МИА) - Фудбалскиот клуб Тетекс почнува институционална битка за докажување на дискриминација затоа што не им се дозволува користење на новиот и стариот градски стадион. Тие велат дека од март попусто ги чекаат општинските власти за спроведување на договорот дека ќе добијат терен со природна терен во селото Сараќино.

 

- Од денес почнуваме со борба преку нашите институции, ќе се запознаат сите фактори, народен правобранител, меѓународна заедница, амбасада, Комисија за антидискриминација. Од март бараме средба за да се реши овој проблем, немаме добиено одговор, што уште да се чекаме. Второ коло веќе играме, дали треба уште да се чека. Има комуникација со општина Тетово, ама тоа останува на тоа дека ќе биде теренот во Сараќино, ама што до тогаш. Бараме писмени гаранции дека клубот ќе може да се натпреварува на Градскиот стадион, зошто да не го користиме стариот градски стадион, да видиме дали има договор кој било клуб, зошто не и Тетекс. И ако нема зошто само еден клуб може да го користи тој терен. Во Сараќино ништо не е почнато. Секоја општина помага во спортот ние немаме денар видено, изјави на денешната прес-конференција Бобан Мишевски, спортски директор.

 

Тој ја оспорува реакцијата на Општина Тетово дека новиот стадион е само за клубови од Прва лига

 

- Општина вели дека градски стадион е само за прволигашки екипи, па ЖФК Љуботен е Прва лига. Како е осмислено дека само прволигашка екипа може да го користи. Таму е јасно наведено дека 24 часа пред одигрување на прволигашки натпревар не може да се користи теренот. Може да играме во гости кога другите ќе бидат домашни. Има примери каде се користи ист терен пример Воска и Охрид, пример Караорман и Струга, не гледам зошто е проблем, рече Мишевски.

 

Воедно клубот бара додека не се изгради нов терен за тренирање во Сараќино да им се овозможи подготвување на стариот градски стадион.

 

- Бараме средба со сите клубови, градоначалникот и млади и женски клубови и да се најде решение да се најдат термини да се тренираат на овој терен тука. На тој терен не може да се излезе од нашите простории. Ограден е и само го користи екипата на првиот тим на Шкендија. Единствено нешто што бараме во моментов е само разумен договор каде што ќе може да се излезе и да се тренира на овој терен, поточно стариот градски стадион. На овој терен секогаш без никаков проблем тренирале првите тимови на Тетекс, Шкендија, прв тим на Љуботен, младите категории на овие три споменати клубови дури и една школа без никаков проблем со добра ординација. Немало апсолутно никаков проблем, истакна Мишевски.

 

Шефот на стручниот штаб Филип Деспотовски рече дека имаат многу тешки услови за работа на теренот со вештачка трева. Имаат термин во 10.30 часот кога е многу топло, што негативно влијание на здравствената состојба на фудбалерите.

 

- Би било многу добро кога би имале избор за повеќе терени да користиме, затоа што развојот на децата кои сакаат да бидат фудбалери од Тетовско, тоа ќе им дозволи да им бидат достапни учењата кои ќе ги дадат тренерите. Но немаме такви услови за младите, а да не зборам за првиот тим, се натпреваруваме во Втора лига, искрено сакаме да идеме и понапред, имаме добри деца во клубот затоа што знаеме дека Тетово бил секогаш расадник на дорби фудбалери. Да се најде решение за да може да имаме мирна работа, да се сконцентрираме на фудбал, ние сме фудбалски работници, не сме политичари. Сакаме да си ја работиме нашата работа, затоа сме тука. И сакаме да си имаме мир во нашата работа. За прв тим може да кажам дека тренирам во термин во 10.30. кога е многу топло а тоа е вештачка трева, која се вжарува од топлината и многу играчи се повредуваат, што за сметка на теренот кој е со лоши услови, што за сметка на време топло е, се разболуваат, имаат добивано температура од сончаница и такви работи, потенцираше Деспотовски.

 

Капитенот Трајче Стојковски вели дека од просториите на ФК Тетекс фудбалерите самите возат комбе за до теренот со вештачка трева.

 

- Се враќаме назад испотени, едно ниво коешто не доликува на фудбалско име како што е ФК Тетекс. Ни една школа не толерира такви работи, а ова е клуб со реноме, еден од најголемите македонски клубови и не заслужува ваков третман од кој било и да е. Ова тргаме политика на страна. Овде се замешани и многу други работи и затоа спортот оди назад. Не бараме многу, бараме да имаме многу, бараме да имаме терен, рече Стојковски.

 

Од раководството на Тетекс потенцираат иако Министерството за транспорт и врски дава позитивно мислење за легализација на нивните простории тоа не е одобрено од досегашните градоначалници Теута Арифи и Биљал Касами. ас/зс/   

фото МИА  

Остани поврзан