• недела, 22 декември 2024

ФИТР: Претприемачите треба да имаат позитивен став кон иновациите и промените

ФИТР: Претприемачите треба да имаат позитивен став кон иновациите и промените

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Претприемачите треба да имаат позитивен став кон иновациите и промените, бидејќи тие се клучни двигатели на успехот. Тие не само што создаваат нови можности, туку ќе им овозможат да бидат водечки играчи на пазарот, ќе го отворат патот за решавање на глобалните предизвици, зголемување на конкурентноста и креирање на нови индустрии, е главната порака на панел дискусијата „Иновации во претприемништвото“, организирана од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) по повод Глобалната недела на претприемништво.

Токму Глобалната недела на претприемништвото, како што рече директорот на ФИТР Никола Додов, има за цел да ги поттикне младите да го развијат својот претприемачки дух, да ги помогнат иновациите и да ги развијат нивните бизниси.

-Всушност тоа е и мисијата на Фондот да ги поддржува младите претприемачи, иноватори и креативци во креирањето нови бизнис идеи, нови технологии и иновативни решенија, рече Додов.

Нагласи дека живееме во време кога иновацијата не е само тренд, таа е основа на секој успешен бизнис, секој нов проект и секоја нова индустрија.

-Технологијата и иновациите брзо се развиваат и создаваат можности кои досега беа незамисливи, бидејќи сме на прагот на нови индустриски револуции. Затоа компаниите доколку сакаат да останат конкурентни во регионот мора да бидат во чекор со новите трендови и да се фокусираат на иновациите што ќе го дефинираат следниот период, посочи Додов.

Порача дека претприемачите треба особено да се фокусираат на новите технологии и трендовите кои носат економски потенцијал и помагаат во создавањето на поодржливи и поефикасни решенија за предизвиците со кои се соочуваме како што се вештачката интелигенција и машинското учење, зелената економија, енергетската ефикасност, циркуларна економија,... 

ФИТР, како што посочи, ги следи светските трендови и има креирано тематски предизвици со кои настојува да ги опфати последните трендови и предизвици кои се актуелни и особено важни за развој во одредени области во општеството.

-Предизвиците ги креираме со нашите партнери од кои еден е ИМЕ. Во наредниот период ќе се фокусираме на поттикнување на зелени инвестиции, најави Додов и ги поттикна младите да почнат да работат на реализација на својата бизнис идеја и да ги искористат трендовите со цел да создадат посветла иднина за нив и за идните генерации.

Тања Георгиевска од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ посочи дека конкурентноста на домашните компании може да се зајакне преку дигитална трансформација, имплементација на соодветни стандарди, иновации, воведување на напредни технологии и напреден претприемачки дух.

-Финансиската поддршка сама по себе не го прави успехот во делот на конкурентноста, рече Георгиевска.вј/ац/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан