• недела, 22 декември 2024

Финкињата Лемпи и Влатко од Македонска Каменица го негуваат изворниот македонски мелос на пазарите низ државата

Финкињата Лемпи и Влатко од Македонска Каменица го негуваат изворниот македонски мелос на пазарите низ државата

Делчево, 16 март 2024 (МИА) - Изворниот македонски мелос продолжува да се слуша ширум пазарите во земјава, претежно во источниот дел. Сето тоа благодарение на двајцата ентузијасти и вљубеници во музиката, Лемпи и Влатко, кои изведувајќи ги песните карактеристични за Александар Сариевски и останатите бардови на народната песна, предизвикуваат воздишки меѓу граѓаните. 

Лемпи е девојка по потекло од Финска која од минатата година заедно со менторот Влатко Ристовски живее во с.Тодоровци. Двајцата се запознале минатото лето и оттогаш неуморно работат на откривање на тајните на македонската изворна музика. За песните кои ги изведува, Лемпи вели дека ги учи онолку време колку што е долга лириката.

-Денеска сме во Делчево, времето е убаво, цвеќињата полека се појавуваат, доаѓа пролетта, вели Лемпи која одлично ја пее македонската песна.

Како дуо денеска беа присутни на панаѓурот во Делчево, каде повторно се претставија со нови песни од нивниот богат репертоар на стари народни македонски песни.

Денешниот настап, како што додаде Влатко Ристовски, е последен за оваа зима.

-Последен пазар и панаѓур оваа зима, наредната недела ја пречекуваме пролетта. Се претставивме со песна од Александар Сариевски. Работиме на повеќе проекти. Имаме во план да започнеме со детски работилници за едукација на младите со изворниот мелос, наредниот месец, па ќе видиме како ќе одат работите, вели Ристовски.

Тој желбата за музицирање на народни инструменти ја има уште како мал, а освен симпатичната Лемпи, порано во групата со Влатко настапуваа и изведувачи од други земји во светот. 

-Во село Тодоровци живееме, таму можат да не најдат сите кои прашуваат за нас. Со Лемпи случајно се запознавме во Маврово и решивме заедно да ја негуваме македонската изворна музика. Групата беше поголема, но некои заминаа на семинар, некои си заминаа, други дојдоа и така. Што се однесува до мојата желба за музика, таа уште како дете настана од дедо Моне од Оризари, кој ме научи да свирам, за да се вратиме кон нашето, кон изворното и исконското, вели Ристовски меѓу другарите познат како Штикла.   

Посетителите на пазарот денеска можеа да слушнат нумери кои потекнуваат од различни области каде се пее македонската песна

 -Инаку, освен во Делчево, неодамна настапивме и во Виница, како и во Скопје на Канта пазар. Многу убаво си поминавме, времето беше супер како и денеска во Делчево и продолжуваме и понатаму да ги забавуваме луѓето, додава Ристовски.

Неодамна двајцата музичари добија возило од нивни пријатели од Америка, како и техничка поддршка, исто така, од поддржувачи на нивната мисија. Својата работа ја продолжуваат со компонирање на сопствена музика, а како што кажаа ќе одржат и серија работилници со младите од Македонска Каменица. вс/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан