• недела, 22 декември 2024

Филмаџии од светот на форум на филмски градови на УНЕСКО во Битола

Филмаџии од светот на форум на филмски градови на УНЕСКО во Битола

Битола, 6 декември 2024 (МИА) - Филмски професионалци од Шпанија, Полска, Германија, Ирска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија во Битола учествуваат на форум на филмските градови на УНЕСКО.

Битола е дел од мрежата која годинава е фокусирана на „Одржливи и еколошки практики во филмот и креативните индустрии“, изјави за МИА, Кристина Христова Николова, претставник на Центар за филм-Битола.

-Во рамки на форумот беше презентиран проектот „Зелени филмски градови, јакнење на одржливи креативни градови“, а на посебен панел  филмски професионалци од целиот свет се обидуваа да најдат одговори на прашања за одржливи практики во филмската и креативната индустрија насочени кон градење одржливи градови. Сакам да истакнам дека голема е честа и Битола да  биде дел од оваа мрежа на УНЕСКО и наши гости да бидат филмски професионалци од Гдањск, Сараево, од Тераса-Шпанија, Потсдам, Ваљадолид, Софија, Голвеј и секако македонски филмски професионалци. Заклучоците од форумот ќе бидат испратени во кластерот за филм на УНЕСКО, нагласи Христова Николова.

Според програмата вечер во рамки на форумот, во битолското кино „Манаки“ ќе бидат емитувани филмови од одржлива и „зелена“ продукција, односно „Привлечност“ на режисерот Александра Шчепанијак, „Небото над Зеница“ на  режисерите Нана Франк Мелер и Златко Прањиќ, филмот „ГАЈА“ во режија на Нермин Хамзагиќ и Енис Чишиќ и „Жешки нешта“ во режија на Паскал Шух и Јонас Ример. мт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан