• вторник, 05 ноември 2024

Филип Јованов, Македонец роден во Швајцарија, е еден од шампионите на „SwissSkills 2022“

Филип Јованов, Македонец роден во Швајцарија, е еден од шампионите на „SwissSkills 2022“
Берн, 11 септември 2022 (МИА) - Македонец роден во Швајцарија, по потекло од Радовиш - Филип Јованов освои бронзен медал и стана еден од годинашните шампиони на саемот „SwissSkills 2022“ што се одржува во Берн. Како што јави известувачот на МИА, Јованов е проектант на водоинсталации, а занаетот „го печел“ низ швајцарскиот модел на дуално образование. Откако најпрво се остручил за водоинсталатер, работел две години, а потоа го продолжил усовршувањето уште две години и се стекнал со звање проектант. Како што изјави Јованов пред почетокот на синоќешната церемонија за доделувањето на наградите, не мора и не е секогаш важно да се заврши факултет, туку најважно е да се работи тоа што се сака, без да се трча по диплома. - Го избрав водоинсталатерството зашто и мојот брат го работи тоа. Не мора баш да се оди на факултет ако сакаш да напредуваш, можеш и преку стручно усовршување. Во Швајцарија е полесно да најдеш работа, бидејќи од 16 години државата ти го овозможува тоа. Според мене не е битно да земеш многу дипломи, туку да го правиш тоа што го сакаш, што вистински ти се допаѓа, рече Јованов за македонските новинари кои се во посета на саемот. На посебна церемонија „SwissSkills“ синоќа ги избра најдобрите, доделувајќи златен, сребрен и бронзен медал во 85 професии. Тие претходните денови и практично пред посетителите ги демонстрираа своите вештини. Саемот почна во средата, на 7 септември, а завршува денеска со програма посветена на семејствата, поради што се очекува најбројни посетители да бидат родители со деца - идни средношколци. Над 1. 000 професионалци во преку 150 струки се дел од годинашниот "SwissSkills 2022". мч/мд/

Остани поврзан