• недела, 22 декември 2024

Филипче: Шест нови пациенти позитивни на корона вирус, досега 18 пациенти дијагностицирани со овој вирус

Филипче: Шест нови пациенти позитивни на корона вирус, досега 18 пациенти дијагностицирани со овој вирус
Скопје, 14 март 2020
На вечерашната прес-конференција, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче информираше дека од денеска 12 тестирани пациенти, 8 во претпладневните часови и 4 во попладневните часови, позитивни на корона вирус се шест пациенти. „Денеска се тестирани 12 пациенти, 6 од нив се позитивни на корона вирус. Една пациентка којашто синоќа касно стигнала со авионот на „Wizz Air“ од Барселона. Таа била свесна дека нешто пред патувањето имала покачена телесна температура, во авионот патувала со заштитна маска и ракавици. Се јавила веднаш сама на пунктот на излез од аеродромот. Изолирана е и однесена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. На 51 патник во авионот дадено е решение за здравствен надзор, односно домашна самоизолација“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека во нашата земја сега има вкупно 18 пациенти дијагностицирани од КОВИД-19. Тоа се вчера дијагностицираните пациенти, 4 од Дебар денеска се донесени и хоспитализирани заедно со оваа пациентка која што стигнала од Барселона. На Клиниката се хоспитализирани 13 пациенти, а петте новодијагностицирани денеска во Дебар ќе останат да се лекуваат во дебарската болница согласно планот за третирање на новодијагностицираните пациенти од овој регион. „Во оваа болница има кадар, епидемиолог и двајца инфектолози кои ги лекуваат овие пациенти. Сите тие се со сосем лесна клиничка слика налик на настинка и сите овие нови пациенти од Дебар се со групата од Дебар коишто се веќе хоспитализирани во Клиниката. Од следните денови уште еден специјалист инфектолог од Клиника ќе биде присутен во болницата во Дебар за да се зајакне капацитетот во однос на кадарот“, изјави министерот Филипче. Владата на Република Северна Македонија со соопштение кое е во прилог ја информира јавноста за донесените нови мерки за заштита од корона вирус во земјава.
____________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки
 

Остани поврзан