Филипче: Состојбата во земјоделството е алармантна, негрижата на власта го уништува
- Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека Владата на Христијан Мицкоски ја загрозила егзистенцијата на земјоделците посочувајќи дека ситуацијата во земјоделскиот сектор е алармантна.
Скопје, 5 април 2026 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека Владата на Христијан Мицкоски ја загрозила егзистенцијата на земјоделците посочувајќи дека ситуацијата во земјоделскиот сектор е алармантна.
За време на денешната посета на село Криволак во Повардарието, Филипче разговараше со земјоделци, лозари и производители на житни растенија, нагласувајќи дека растот на цените на нафтата и недоволната грижа на власта создаваат сериозни проблеми за егзистенцијата на земјоделските семејства.
- Во оваа временска ситуација кога растат цените на нафтата, земјоделците се соочуваат со сериозни предизвици. Прво, во врска со прашањето за нивната егзистенција како земјоделци и семејства, кои преку земјоделството ги издржуваат. И, второ, мора да знаеме дека може да се соочиме со сериозен недостиг поради целата оваа криза и негрижата на власта за овој сектор и недостиг на производство на одредени земјоделски култури, особено житни растенија, што значи дека во следниот период може да се соочуваме со дополнителен раст на цената на лебот до крајот на годината - истакна Филипче.

Филипче укажа дека институциите целосно потфрлиле во клучните сегменти за поддршка на земјоделството.
- Имено, никој не води грижа за наводнувањето, каналите не се исчистени, никој не води грижа за откупните центри, кои ги уценуваат земјоделците со ниски цени, а потоа тоа им е услов да добијат некакви субвенции - посочи претседателот на СДСМ.
Дополнително, како што нагласи, земјоделците се притиснати од ниски субвенции, неизвесен откуп и зголемени трошоци за производство со кризата.
- Ниска цена на субвенција, ниска откупна цена за килограм произведено грозје. Сега нема никаква најава дека црното грозје, од сортите на црното грозје, ќе се откупуваат. Ниска субвенција и неисплатена за сточарите, висока производна цена поради висока цена на работната рака, водата, ѓубрињата - сѐ на сѐ, сметам дека оваа ситуација треба да биде сериозен аларм - истакна Филипче.
Тој предупреди и на дополнителен удар врз земјоделците поради злоупотребите со европските фондови.
- Ако згора на тоа ставиме дека ги нема дополнителните пари преку ИПАР-програмата, поради тоа што Европа ја фати власта како тие пари ги кради брутално од џебот на земјоделецот, ние во следниот период ќе предложиме неколку предлог-закони, како што тоа го направивме лани - нагласи Филипче.
Воедно, потсети дека СДСМ веќе има понудено конкретни решенија, кои власта ги одбила.
- Тоа беше зголемена откупна цена за килограм грозје. Искрено се надевам, иако не верувам, дека од оваа власт ќе наидеме на разбирање и дека ќе се обезбеди некаква помош за земјоделците - рече претседателот на СДСМ. дма/сст/
Фото:СДСМ
Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=zuF_VCcgl8A