• вторник, 21 април 2026

Филипче по повод 35 години СДСМ: Главната водилка ни била и ќе ни биде идејата за Македонија како пристојна, праведна и европска држава

Филипче по повод 35 години СДСМ: Главната водилка ни била и ќе ни биде идејата за Македонија како пристојна, праведна и европска држава

Скопје, 20 април 2026 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва на свечена седница на Централниот одбор по повод 35 роденден на партијата изјави дека СДСМ ја прават луѓето што веруваат во вредностите, кои имаат отворени врати за знаење, за младост, за критика, кои ги почитуваат ослободените медиуми, жените, невладините и други организации, луѓе кои никому ништо не должат освен на сопствената совест и на јавниот интерес. 

-Кога велиме дека социјалдемократските вредности се наш императив тоа значи да бидеме упорни и храбри во определбите за спроведување на реформите кога сме на власт и да вршиме силен притисок кога сме во опозиција - порача Филипче.

Тој посочи дека основен постулат на политиките на партијата била и ќе биде идејата за Македонија како пристојна, праведна и европска држава. 

Филипче во својот говор пред присутните се осврна на значењето на социјалдемократијата, даде кус историјат на партијата, цитираше изјави од поранешни лидери на СДСМ, го цитираше и поранешниот претседател на државата Киро Глигоров, а упати и порака до политичките противници.

-На 35-годишнината на СДСМ, сакам да се вратиме не само на нашата историја, туку и на нашата мерка. На реченицата на Киро Глигоров: „Македонија е сѐ што имаме“. Во таа реченицa има повеќе државна мудрост отколку во многу врева што сме ја слушале во изминатите децении и што се уште ја слушаме и денес. Во таа мудрост, e naшата иднина. Затоа, вечерва да не си ветуваме лесни победи. Да си ветиме тешка политичка и демократска борба и  чесност. Да си ветиме правда. Да си ветиме правични даноци. Да си ветиме држава што не се плаши од вистината. Да си ветиме политика достојна за Македонија - изјави Филипче. 

Тој истакна дека СДСМ ја прави меритократијата, почитта кон работникот и способноста да се слушне човекот што не аплаудира автоматски.

-Ние сме партија што е поблиску до граѓанинот отколку до власта. И само така поразите се лекции, инаку и победите ќе бидат само одложени порази - рече Филипче.

Тој додаде дека социјалдемократијата не се мери само со големите и историски  одлуки, туку со тоа дали граѓанинот може достоинствено да живее.

-Се мери и со тоа дали државата умее да го заштити ранливиот, а не само да го преброи и да го манипулира со предавства и со блокади на определбите за најзначајните државни интереси жртвувајќи цели генерации граѓани на Македонија. Се мери и по тоа колку е тој слободен и сигурен дека ако е законот на негова страна никој не може да му се заканува и да го обвинува. Се мери и со заштита на послабите и помалку бројните и тоа по различни основи - рече Филипче.

Посочи дека во годините на владеење на СДСМ со озаконет автоматизам биле покачувани минималната плата, пензиите  и социјалната заштита, што, како што дополни не значи дека правдата е целосно постигната и дека демократијата е освоена како што прилега на една европска држава, туку дека социјалдемократијата тогаш знаела зошто постои, „за платата да не биде понижување, за сиромаштијата да не биде казна и за државата, да не биде привилегија резервирана само за власта“.

-Тука доаѓаме до суштината. Што е вистинска социјалдемократија. Таа не е боја. Не е етикета. Не е носталгија. Не е удобна партиска поза. Вистинската социјалдемократија е политика во која слободата не е привилегија на богатите, а правдата не е утеха за сиромашните. Вистинската социјалдемократија е држава што ги шири демократските принципи и врз економијата. Тоа значи работа што носи достоинство, јавно образование што носи шанса, здравство што не зависи од врски, даноци што не го газат средниот слој и ранливите, туку бараат фер придонес од оние што имаат најмногу. Тоа значи слобода, правда и солидарност, не како плаќат, туку како систем - истакна Филипче. 

Даде ретроспектива на дејствувањето на партијата, нагласувајќи дека на 4 септември 1992 СДСМ ја предводела првата политичка влада, се осврна на 2001 и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, на кандидатскиот статус за ЕУ што Македонија го доби во 2005 година, под водство, како што рече на Владо Бучковски и Радмила Шеќеринска, говореше за Прижино и владата, преводена од Зоран Заев, за Преспанскиот договор, за влезот во НАТО...

-Околу тие одлуки ќе има расправи и утре, и задутре, и уште долго. Бевме соочени, и се уште сме, со најтешките клевети и партиски пропаганди  за велепредавства, за измислена распродажба на државни и национални интереси, наводно загрозени идентитет, јазик и историја.  Но,  фактите остануваат, тие не можат да се избришат и покрај жестоките пропаганди и манипулации: Ништо не е изгубено. Напротив, идентитетот, јазикот, културата историјата се заштитени. Потпишан е договор со ЕУ на македонски јазик. Државата стана побезбедна. Нашиот јазик, идентитет и култура се црвените линии на СДСМ - порача Филипче.

Цитирајќи го првиот премиер од редовите на СДСМ Бранко Црвенковски со неговата изјава:„ситни души не прават држава“, рече дека историјата по одредена дистанца ги памети не оние што имале најсилен глас, туку оние што презеле најтешка одговорност. 

Се осврна и на евроинтеграциите, нагласувајќи дека Македонија повторно е пред голем испит, поради тоа што ЕУ патот е закочен.

-Отворено и бессрамно ни кажуваат дека тоа ќе трае и натаму  со децении, божем како заштита на националните и државни интереси. Тоа е безобзирна лага. Нема поголем интерес, ниту државен, ниту национален, ниту безбедносен, ниту демократски од сојузите  со ЕУ и НАТО.  Владеењето на правото навистина беше разнишано, но по последните партиски упади во правосудниот систем тоа е целосно уништено. Довербата во институциите е ниска. Корупцијата и понатаму стои како тешка сенка над државата. А, кога во 2025 трагедијата во Кочани ја отвори раната на системската неодговорност, сите видовме што значи корупцијата кога ќе престане да биде апстракција и ќе стане човечка трагедија - рече Филипче.

Тој со порака до политичките противници дека оваа држава никогаш не била силна кога била најгласна, туку кога била разумна.

-И да знаат гордоста е на оваа страна,  на вистинската страна на историјата, на нивна страна е срамот. А тоа e страната на предавството на националните интереси, на антиевропските политики. На страна на криминалот, на контролата на судството, на контролата на универзитетите, на понижувањето на работниците, професорите, младите, пензионерите, земјоделците. Им порачувам, лагите, лажниот патриoтизам, сирoвиот национализам на штета на меѓуетничките односи заврши. Ја враќаме власта во рацете на граѓаните - рече Филипче во говорот по повод 35-от роденден на партијата. ац/бк/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан