• петок, 05 декември 2025

Филипче од Гази Баба: СДСМ нема да молчи ниту ќе дозволи партизација во судството

Филипче од Гази Баба: СДСМ нема да молчи ниту ќе дозволи партизација во судството

Скопје, 10 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва од Гази Баба каде се одржа граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“ рече дека време е да ја вратат државата во рацете на народот.

- Да се потсетиме зошто постои оваа држава. Да се потсетиме дека државата мора да им служи на граѓаните. Сега е време за храброст и верба. Храброст е да се бориш кога е најтешко. Храброст е да не се плашиш да ја кажеш вистината. Храброст е да ја подадеш раката дури и на тој што мисли различно, затоа што веруваш во заедничка иднина, истакна Филипче.

Тој, како што соопштија од СДСМ, нагласил дека борбата на таа партија не е против некого, туку е борба за праведна држава, за достоинствен живот, за иднина во која младите ќе останат.

-На 19 октомври да ја покажеме нашата сила, да ја покажеме нашата љубов кон оваа земја, да ја покажеме разликата меѓу вистински патриотизам и евтина пропаганда. Да ја вратиме надежта во државата, да ја вратиме гордоста во народот, да ја вратиме Македонија таму каде што ѝ е местото, меѓу достоинствените, слободни и обединети нации, порача Филипче.

Тој го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека не сака реформи во правосудството и посочи дека наместо правда и реформи, наместо судска фела и експерти, граѓаните добија само неправди по што испрати порака дека СДСМ нема да молчи ниту ќе дозволи партизација во судството.

-Сега јасно му порачувам да престане да се заканува што ќе правел по изборите. Да не мисли дека ќе му молчиме ако решил да го партизира судството. Тоа нема да се дозволи. Или ќе има темелни реформи па нека одговараат сите што грешеле или нови судии од тефтерчињата од Белата палата нема да дозволиме, потенцираше Филипче.

Замислете, појасни, направен е 1,8 милијарди евра нов долг за само 13 месеци без никаков ефект врз реалниот развој.

- Двесте и педесет милиони евра од унгарскиот кредит кои беа наменети за стопанството, ниту 10 отсто не се реализирани. Само неколку нивни фирми се офајдија. Ова се реалните податоци и бројки, драги пријатели. Ова е причината зошто се нервозни, зошто наместо да понудат кампања во која ќе промовираат што сработиле, направија кампања во која кажуваат дека за промени требале децении. Неспособни ниту да ги повторат барем нашите економски резултати, велат најдоброто допрва доаѓало. Сака Мицкоски да ни порача, не нè гледајте сега што правиме, немавме време, рече Филипче.

Тој истакна дека за влада без план и визија за правецот на државата и две децении би биле малку.

-Реалноста е дека на оваа неспособна власт ни уште две децении нема да ѝ бидат доволни. Нема да ѝ бидат доволни, затоа што немаат план, ниту капацитет, но најважно од сè немаат чесна намера. Не сакаат да им помогнат на граѓаните, не сакаат да ја видат реалноста која е тешка, едноставно не ги интересираат граѓаните. Ги интересира само олигархијата и личните бизниси. И ова е вистинската дијагноза, овие луѓе за година и пол, опиени од успехот на изборите, заборавија дека економијата и економските политики, пред сè, треба да им служат на граѓаните, рече Филипче.

Тој посочи дека за само една година, индустријата паднала за 3,5 отсто, странските директни инвестиции се преполовени, а инфлацијата е четири отсто и е меѓу највисоките во Европа. 

-Цените растат без контрола. Веќе се откажаа од лажните кошнички. Не ни пробуваат да кажат дека нешто прават, ги оставија луѓето да живеат со скапотијата. Платите тапкаат во место, просечната плата паѓа три месеци по ред, додаде Филипче. рп/вј/

Фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан