Филипче: Избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење и искуство
- На првата седница на новиот Централен одбор на СДСМ вечерва за нови потпретседатели на партијата се избрани поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, професорката од Правниот факултет во Скопје Ана Чупеска, Методија Илиевски, член на Советот на општина Битола и Кристина Костова од Штип, член во Централниот одбор во СДСМ, објави лидерот на партијата Венко Филипче.
Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) - На првата седница на новиот Централен одбор на СДСМ вечерва за нови потпретседатели на партијата се избрани поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, професорката од Правниот факултет во Скопје Ана Чупеска, Методија Илиевски, член на Советот на општина Битола и Кристина Костова од Штип, член во Централниот одбор во СДСМ, објави лидерот на партијата Венко Филипче.
За генерален секретар, како што кажа, е избран Александар Димитријевиќ, а за организациски секретари Љупчо Пармаковски од СДСМ Центар и Мартин Костовски пратеник во Собранието.
-Состанокот помина во одлична атмосфера со многу енергија и ентузијазам кај новите членови на Централниот одбор. Се избра новото партиско раководство, членовите на Извршниот одбор. Во партијата вечерва избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење, искуство во своите области на делување коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот којшто следи, рече Филипче на прес-конференција.
Нагласи дека веќе имаат план за работа кој со многу силна енергија ќе почне уште од утре.
-Направен е план за посета сите општински организации и за комуникацијата со луѓето и начинот на којшто ќе допреме до членовите, симпатизерите, до оние коишто од некакви причини не гласаа, се налутија, останаа дома, гласаа за друг политички субјект. Спремни сме да ги слушнеме сите нивни предлози и во еден широк инклузивен процес да ги вклучиме сите наши членови, симпатизери во процесот на креирање на политики, порача Филипче.
Во новиот Извршен одбор на партијата, како што посочи, има претставници на повеќе општински организции.
-Водевме сметка да има добра регионална застапеност за да имаме информации од сите или повеќето општини ширум државата, истакна Филипче.вј/лв/
Фото: СДСМ, МИА