Во гимназиите во Дебар и Центар Жупа 306 места за упис во прва година
- Во гимназиите „28 Ноември“ во Дебар и „АТА“ во Центар Жупа, во прва година во учебната 2026/2027 година, можност за упис имаат 306 завршени деветоодделенци, од нив во дебарската гимназија 238, во Жупа 68.
Дебар, 6 април 2025 (МИА) - Во гимназиите „28 Ноември“ во Дебар и „АТА“ во Центар Жупа, во прва година во учебната 2026/2027 година, можност за упис имаат 306 завршени деветоодделенци, од нив во дебарската гимназија 238, во Жупа 68.
-Според Конкурс за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година во нашата гимназија ќе може да се запишат 238 завршени основци на двата наставни јазика. Гледано одделно 102 ученика во 3 паралелки за настава на македонски, од нив 34 за подрачната паралелка во село Могорче, додека 136 ученици, во 4 паралелки со настава на албански наставен јазик, изјавија од управата на гимназијата.
Во оваа образовна институција во учебната 2025/2026 година беа пополнети 166 ученички места од нив за настава на македонски 44 додека на албански 122 места.
Во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа во прва година, според директорот Сабри Асан, предвидена е бројка идентична како и оваа учебна година.

-Место има за 68 ученици во 2 паралелки, односно по 34 ученици во паралелката со настава на македонски и исто толку за паралелката на турски наставен јазик. Во тековнава учебна година во прва година се запишаа 24 ученици, од нив четворица за паралелката на македонски и 20 на турски наставен јазик, рече за МИА, Асан.
Намалениот број ученици, појава присутна со години наназад, во средните училишта е последица на се помалиот број на ученици во основните училишта, поради масовната миграција на населението од двете општини, но и определбата на дел од нив да го продолжат школувањето во некое друго средно стручно училиште.
Првото електронско пријавување на учениците ќе се врши од 12 до 15 јуни, кога и во двете гимназии за упис учениците треба да имаат минимум 60 поени. Второто пријавување од првиот уписен рок е на 23 јуни, додека августовскиот уписен рок е на 20 август, кога училиштата ќе може да го намалат потребниот минимум поени. вт/вј/
Фото: МИА