Фер сертификат на ОПМ за компании кои нудат поголема заштита на потрошувачките права
- Компаниите кои потрошувачките права ги заштитуваат повеќе, се грижат за здравјето и безбедноста на потрошувачите односно нудат поквалитетни и безбедни производи, се грижат за оддржлива потрош
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Компаниите кои потрошувачките права ги заштитуваат повеќе, се грижат за здравјето и безбедноста на потрошувачите односно нудат поквалитетни и безбедни производи, се грижат за оддржлива потрошувачка и имаат фер пазарни практики кон потрошувачите може да се стекнат со сертификат „Фер со потрошувачот“, што го доделува Организацијата на потрошувачи.
Досега, според правниот советник на ОПМ, Мартина Грнчаревска, повеќе од 40 компании се стекнати со овој сертификат.
На денешниот промотивен настан кој го организираше Организацијата на потрошувачите на Македонија во рамки на проектот : „Партнерството помеѓу граѓанските организации ја подобрува довербата на потрошувачите, животната средина и конкуренцијата!“, финансиран од страна на Шведската меѓународна агенција за развој и соработка (SIDA) и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (BCSDN), таа апелираше до компанните да се стекнат со овој сертификат.
- Во рамки на ова е предвидено да се подели сертификатот „Фер со потрошувачот“ којшто ние како Организација на потрошувачи заедно со Креација и Зенит го доделуваме години наназад. Апелираме до компаниите кои се заинтересирани да се стекнат со овој сертификат да се пријават во Организација на потрошувачи, бидејќи и Министерството за економија субвенционира дел од овој сертификат преку јавен повик којшто го објавува на годишно ниво, нагласи Грнчаревска.
Проектот и чекорите за стекнување со сертификатот ги презентираа претседателката на ОПМ Маријана Лончар Велкова и претседателот на Здружението на бизниси и консултанти – Креација, Ристо Иванов. сх/аа/