ФДА: Ќе се фрлат спорните серии вакцини Џонсон и Џонсон
- Американската Управа за храна и лекови (ФДА) синоќа соопшти дека фармацевтската компанија Џонсон и Џонсон ќе мора да фрли повеќе милиони дози вакцина против Ковид-19, произведени во фабриката
Вашингтон, 12 јуни 2021 (МИА) - Американската Управа за храна и лекови (ФДА) синоќа соопшти дека фармацевтската компанија Џонсон и Џонсон ќе мора да фрли повеќе милиони дози вакцина против Ковид-19, произведени во фабриката во Балтимор.
Во исто време ФДА одобри употреба на 10 милиони други дози од вакцината.
Според Њујорк тајмс спорниот контингент вакцини опфаќа околу 60 милиони дози.
ФДА не потврди за колкава бројка вакцини се работи освен дека неколку серии не се за употреба.
Производството на вакцини во фабриката во Балтимор е стопирано во април откако е откриено дека состојките во вакцината на Астра Зенека, што во исто време се произведуваа во фабриката, штетно влијаеле на една серија вакцини на Џонсон и Џонсон.
Вакцината на Астра Зенека не се произведува повеќе во фабриката во Балтимор.
И Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера соопшти дека контингентот вакцини на Џонсон и Џонсон, кои се направени за европскиот регион во време кога беше откриена грешка во производството на дози во Балтимор, САД, како мерка на претпазливост, нема да се користи.
ЕМА не соопшти за колку дози станува збор, но западните медиуми наведуваат дека станува збор за неколку милиони дози. ми/