• вторник, 05 ноември 2024

Дваесет и пет нови случаи на голема кашлица, петмина хоспитализирани, вкупно 1.074 заболени

Дваесет и пет нови случаи на голема кашлица, петмина хоспитализирани, вкупно 1.074 заболени

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) - Дваесет и пет нови случаи на голема кашлица се евидентирани од 30 август до 5 септември, со што вкупниот број заболени во државава се зголеми на 1.074, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

Најголем дел од новите случаи се пријавени во Скопје - 14, а петмина заболени се од Тетово, тројца од Кратово, двајца од Куманово и еден од Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 60 години. Најголем број случаи се од возрасната група под една година.

Во однос на вакциналниот статус на заболените, 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, шест се комплетно вакцинирани и едно е вакцинирано согласно возраста. Од новите случаи, пет лица биле хоспитализирани.

Од вкупниот број заболени, кај 1.067 лица се регистрирани симптоми, додека кај седуммина болеста била во асимптоматска форма.

Во тек се три епидемии пријавени на ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово.

- Од вкупниот број регистрирани случаи, 678, односно 63,1 отсто, не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани - 288, просек на поминато време од последната доза на вакцина до заболување, изнесува 11 години, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Од 18 јануари до 5 септември, дадени се вкупно 67.183 дози вакцина со компонента против голема кашлица. бд/бак/

Фото: МИА архива, ИЈЗ

Остани поврзан