Утринско и ноќно миење на улиците во Куманово
- Почна ноќното миење на главните сообраќајници и плоштадот во Куманово, информираа денеска од Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.
Куманово 18 јули 2023 (МИА) - Почна ноќното миење на главните сообраќајници и плоштадот во Куманово, информираа денеска од Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.
- Поради портокаловата фаза во којашто се наоѓа нашата земја и екстремно високите температури согласно препораките, нашите екипи активностите ги започнаа уште во раните утрински часови со интензивно миење на плоштадот, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски.
Ноќва се чистеа главните сообраќајници „Трета МУБ“, „Народна револуција“, „11 Октомври“ и други, а вечерва и булеварот „Октомвриска револуција“, „Моша Пијаде“ и други во поширокото централно градско подрачје.
Поради топлотниот бран кој ја зафати земјава и кумановскиот регион, екипите на „Чистота и Зеленило“ Куманово веќе го изнесуваат сметот во три смени со изменето работно време. Екипите ќе бидат ангажирани претпладне, попладне и во ноќните часови, согласно препораките на надлежните за заштита на здравјето на работниците.
Согласно изменетото работно време, екипите ќе работат во прва смена од 06 часот до 11, втората смена која работеше од 13 ќе почне со работа во 17 часот, третата е непроменета и почнува во 22 часот. ам/дма/
Фото: „Чистота и Зеленило“ Куманово