• петок, 05 декември 2025

Утре е последен ден за пријавување на младите велешани на Летната академија за дигитални вештини

Утре е последен ден за пријавување на младите велешани на Летната академија за дигитални вештини

Велес, 2 јули 2025 (МИА) - Летната академија за дигитални вештини е отворена за сите млади на возраст од 16 до 29 години кои сакаат да го искористат летото на продуктивен начин. Програмата е бесплатна, но бројот на места е ограничен, па сите заинтересирани треба да побрзаат со пријавите до утре, 3 јули бидејќи првата обука е закажана за на 4 јули, а ќе се одржи во текот на јули и август. 

Како што информираат од Младинскиот центар Велес кои ја организираат Летната академијата во соработка со Europe House од Велес, учесниците на академијата ќе имаат можност не само да научат нови вештини, туку и да се вмрежуваат со врсници и професионалци во пријатна и интерактивна атмосфера. Програмата ќе се одржува во просториите и дворот на Europe House Велес, што ќе овозможи на учесниците да се запознаат и со нови перспективи од различни индустрии.

Тие појаснуваат дека оваа академија ќе им понуди на младите луѓе уникатна можност да ја унапредат својата кариера и да развијат вештини кои ќе им помогнат да се истакнат на современиот пазар на труд.

Академијата е интензивен и практичен курс што опфаќа низа работилници и предавања од експерти во различни области. Учесниците ќе имаат можност да научат како да напишат ефективно CV  и мотивациско писмо, како да се подготват за интервјуа и професионално да настапат, како да ја развијат својата лична брендинг стратегија и да изработат силен LinkedIn профил. Програмата ќе се фокусира и на комуникациските вештини и етиката на користење мејл во професионална средина, како и на основите на финансиска писменост за млади. Дополнително, учесниците ќе стекнат техники за личен развој, самодоверба и целно размислување, што е од клучно значење за напредок во личниот и професионалниот живот.

За повеќе информации и за пополнување на формуларот за пријава, посети го следниот линк: Формулар за пријава

Од Младинскиот центар Велес, до младите  порачуваат, да инвестираат  во својата иднина и да  направат летото 2025 година пресвртна точка за твојата кариера.ад/вј/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан