• вторник, 05 ноември 2024

Уставниот суд поништи Правилник на ЗАМП кој предвидува ретроактивна исплата за авторски надомест со пониски коефициенти

Уставниот суд поништи Правилник на ЗАМП кој предвидува ретроактивна исплата за авторски надомест со пониски коефициенти

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Уставниот суд донесе одлука за поништување на Правилникот за изменување и дополнување на правилникот за распределба на авторските надоместоци донесен од собранието на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП Скопје бр.281/22, оспорен во предметот У.бр.25/2023. 

-Судот утврди дека овој Правилник има ретроактивна примена на новиот систем за поентирање на авторските дела, што е спротивно на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство. Уставниот суд оцени дека ретроактивно се предвидува пониски коефициенти за пресметка на авторскиот надомест за емитуваните авторски дела во 2022 година, споредено со коефициентите што во тековниот период биле предвидени, па оттука авторите согласно оспорениот Правилник треба да добијат помалку материјални средства од очекуваниот износ, информираат од Уставен суд.

ЗАМП, како што е наведено во соопштението, како единствена организација на територијата на Република Северна Македонија која врз основа на дозволата за работа издадена од Министерството за култура врши колективно управување на авторските музички права на носителите на авторски музички права како законски пренесеното јавно овластување согласно Законот за авторското право и сродните права, на 23 декември 2022 година го донел Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218/2022 од 26 декември 2022 и влегол во сила на 3 јануари 2023 година.

Оспорениот пpавилник содржи три члена, од кои член 1 се однесува на поентирање на авторските дела,  со истиот е изменет член 46 став 2 од Правилникот за распределба на авторски надоместоци и се предвидува ново поентирање на делата заради пресметка на авторскиот надомест. Со член 2 е утврден периодот за кој ќе важи оспорениот правилник, односно дека ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2022 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2023 година и член 3 се однесува на неговото објавување и стапување во сила.

Подносители на иницијативата: Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски

Оваа одлука е донесена на 27 септември на седница на Уставниот суд.  дма/аа/

Фото:МИА

Остани поврзан