Уставниот суд презентираше национални практики за транспарентност во Косово
- Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија учествуваше на Меѓународна конференција организирана од Уставниот суд на Косово со поддршка на Советот на Европа, посветена на комуникациските предизвици и најдобрите практики при соопштување на високопрофилни одлуки на уставните судови.
Скопје, 11 декември 2025 (МИА) - Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија учествуваше на Меѓународна конференција организирана од Уставниот суд на Косово со поддршка на Советот на Европа, посветена на комуникациските предизвици и најдобрите практики при соопштување на високопрофилни одлуки на уставните судови.
Како што соопштуваат од Уставен суд, македонската делегација била составена од генералниот секретар Виолета Ѓорѓиевска и советникот за односи со јавноста и портпарол м-р Христина Беловска. Тие ја презентирале националната правна рамка за јавноста и слободата на информирање, нагласувајќи дека транспарентноста е стратешка определба на Уставниот суд. Воедно, биле претставени активности и статистика за комуникациите во 2024 и 2025 година, со акцент на проактивното и редовно информирање на јавноста.
Конференцијата била отворена со обраќања на претседателот на Уставниот суд на Косово, Неџми Реџепи, генералниот секретар Ветон Дула и претставник на Советот на Европа. На дискусиите учествувале претставници од уставните судови на Албанија, Бугарија, Косово, Турција и Чешка, кои ги споделиле своите национални практики за транспарентност и комуникација со јавноста.
Учесниците ја потенцирале важноста на точноста, јасноста и навременоста при соопштување на уставно-судските одлуки, како и потребата од засилена регионална соработка за унапредување на комуникациските капацитети на уставните судови. ар/ац/
Фото:Уставен суд