• понеделник, 23 декември 2024

Уставниот суд го отфрли барањето поднесено од Антонијо Милошоски

Уставниот суд го отфрли барањето поднесено од Антонијо Милошоски

Скопје, 1 февруари 2023 (МИА) - Уставниот суд оцени дека обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок, односно едностран процесуален акт, кој е основа за водење на кривична постапка и го отфрли барањето поднесено од Антонијо Милошоски, за случајот во кој истакнува барање за заштита на слободи и права, a како акт со кој му биле повредени слободите и правата приложил обвинителен акт и решение со кое документот  бил одобрен во целост.

Од Уставниот суд, посочуваат дека според означената одредба од членот 51 од Деловникот, Судот одлучува за заштита на слободи и права повредени со конечен или правосилен поединечен акт, како и имајќи ја предвид одредбата од членот 52 од Деловникот, според кој во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд, а во конкретниот случај обвинителниот акт што со овој предмет не е случај.

- Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки од наведените одредби од Деловникот на Уставниот суд, за мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, се вели во соопштението од Уставниот суд.  

Во барањето поднесено од Антонијо Милошоски, застапуван од адвокат Петро Јанурa, се оспорува Обвинителен акт КО. бр. 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство - Скопје поднесен до Основниот кривичен суд Скопје и Решение 11 К-ООА бр. 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје - Кривичен оддел.

Од наводите во барањето, подносителот наведува дека му е повредено правото на недискриминација, односно забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд - Скопје.

- Во барањето е наведено дека содржините на претходно наведените докази јасно укажувале дека обвинителниот акт КО. број 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението 11-К.ООА. број 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје - Кривичен одел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето лицето Антонијо Милошоски, кој бил пратеник од редовите на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ, се вели во соопштението од Уставен суд. аа/сп/

 

Остани поврзан