УСС при УКИМ бара воведување електронски индекс и измена на критериумите за доделување на стипендии
- Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС при УКИМ) информира дека се испратени барања до Министерството за образование и наука за воведување на електронски индекс и за измена на критериумите за доделување на стипендии од прв циклус - четврта група на стипендии.
Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС при УКИМ) информира дека се испратени барања до Министерството за образование и наука за воведување на електронски индекс и за измена на критериумите за доделување на стипендии од прв циклус - четврта група на стипендии.
За воведување на електронски индекс, како што велат, потребна е измена на член 15, алинеја 2 од Правилникот за содржината и формата на дипломата, упатството за подготовка на додаток на дипломата и на другите јавни исправи.
-Главната причина поради којашто целиме кон е-индекси е фактот што живееме во време на дигитална револуција и ваквиот чекор напред ќе е предвесник на многу позитивни промени, и тоа побрз и поедноставен начин на давање на оценки од страна на наставниот кадар на факултетите, заштеда на време и финансии на студентите, пренасочување на финансиите кон подобрување на дигиталните системи и поздрава животна околина и зачувување на природата. Исто така, веќе голем број од универзитетите имаат свои системи преку кои водат евиденција (е-индекс) што значи дека доколку се направи оваа промена нема да претставува никаков проблем за универзитетите да се адаптираат, велат од Универзитетското студентско собрание.
За измената на критериумите за доделување на стипендии од прв циклус - четврта група на стипендии посочуваат дека се предвидени два критериуми што треба да ги исполнат студентите, а тоа се успехот во учењето, односно успехот остварен во текот на средното образование и по основ на користење на стипендија за талентирани ученици од Министерството за образование и наука.
- Бараме измена во вториот критериум со тоа што овој критериум ќе биде укинат целосно, бидејќи во пракса се покажа дека многу мал дел од студентите го исполнуваат овој критериум со што оваа категорија на стипендија останува не искористена. Исто така, важно е да се напомене дека овие стипендии се доделуваат на студенти кои се запишани на студиски програми за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, со што преку оваа измена, поголема поддршка ќе се даде на студентите кои се идниот образовен кадар во државата, порачуваат од Универзитетското студентско собрание. вј/бак/
Фото: Принтскрин