Усвоен буџетот на општина Дебар за следната година во износ 524 милиони денари
- Советот на Општина Дебар на петтата редовна и за годинава последна седница, со која раководеше претседателот Африм Кркути, го разгледа и усвои Предлог-буџетот на општината за 2026 година.
Дебар, 31 декември 2025 (МИА) - Советот на Општина Дебар на петтата редовна и за годинава последна седница, со која раководеше претседателот Африм Кркути, го разгледа и усвои Предлог-буџетот на општината за 2026 година.
За буџетот кој е проектиран на 524 098 326 денари со планиран дефицит од 68 милиони денари, гласаа 14 додека против беше еден советник од ДУИ.
Во делот на приходите максималниот износ е предвиден кај дотациите кои се проектирани на над 289 милиони, даночни приходи 85,3 милиони, трансфери над 121 милиони, капитални приходи 7,1 и приходи од донации 1,75 милиони денари.
-Буџетот има развоен карактер, со посебен фокус на унапредување на комуналната инфраструктура и јавните услуги. Во рамки на овој буџет се планира реализација на капитални и стратешки проекти, кои претставуваат дел од вкупните проекти предвидени со овој документ, рече Кркути.
Како што најави градоначалникот Фисник Меља, предвидена е и изработка на долгорочна стратегија за развој на туризмот, како и многу други проекти од директен интерес за граѓаните. Тука секако изработка на урбанистички план, кој му е неопходен на Дебар.
-Како локална власт продолжуваме со јасна визија кон реализација на проекти кои го унапредуваат квалитетот на живот на граѓаните и создаваат подобри услови за одржлив развој. На сите граѓани во општината и пошироко и на нашата дијаспора им посакувам среќна Нова 2026 година, со желби за здравје, среќа, благосостојба, со обвrска дека општината ќе ја изградиме во место какво што посакуваат и заслужуваат, порача Меља.
На седницата, членовите на советот разгледаа и други прашања од нивна надлежност. вт/дма/
Фото: МИА