• понеделник, 23 декември 2024

Усвоени повеќе закони на четири пленарни седници

Усвоени повеќе закони на четири пленарни седници
Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Собранието на Република Северна Македонија усвои повеќе закони во рамки на вчерашните четири пленарни седници. Пратениците на 79. седница го усвоија Предлогот - закон за заштита на потрошувачите, по скратена постапка. Законот е донесен со 61 глас „за“ и без гласови „против“ или „воздржано. За Законот за заштита на потрошувачите гласаа и 31 пратеник според Бадентеровиот принцип. Усвоен е и Предлог - закон за дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка, предложен од група пратеници. Во рамки на 88.пленарна седница, стои во денешното соопштение од собраниската прес-служба, усвоен е Предлогот на одлуката за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември". За оваа Одлука гласаа 59 пратеници, без гласови „против“ и „воздржан“. Новите членови во Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември" ги предложи Комисијата за избори и именувања. Од дневниот ред на 88.седница усвоени се уште десетина закони меѓу кои Предлог на закон за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за соработка во областа на дијаспората, Предлог - закон за изменување на Законот за земање и пресадување на делови на човечкото тело заради лекување,  Предлог на закон за дополнување на Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја, како и Предлог на закон за изменување на Законот за заштита на децата, по скратена постапка (82 гласа „за“ и 30 според Бадентеров принцип). Усвоени се и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, но и Предлог на закон за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, по скратена постапка. Во рамки на 82. Седница, Собранието вчера го усвои Предлогот на закон за изменување на Законот за судска служба, по скратена постапка, за кој гласаа 92 пратеници, без гласови „за“ и „воздржан“. Предлогот на закон за изменување на Законот за јавнообвинителска служба, по скратена постапка, пак беше донесен со 94 гласа „за“. Предлогот на закон за изменување на Законот за извршување на санкциите, скратена постапка доби поддршка од 93 пратеници. Собранието го донесе и Предлогот на закон за ратификација на изменувањето и дополнувањето на Анекс 4 на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА 2006), утврдувајќи го Протоколот кој се однесува на дефиниција на поимот „производи со потекло“ и методите на административна соработка наведени во член 14 ставови 1 и 3 согласно Одлуката на Мешовитиот комитет на Централноевропскиот договор за слободна трговија бр.1/2021 усвоена на 21 јуни 2021 година за укинување и замена на Одлука бр.3/2013 и Одлука 3/2015 на Мешовитиот комитет на Централноевропскиот договор за слободна трговија. Законот е изгласан со 65 гласа „за“, на продолжението на 73 седница. цр/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан