• недела, 22 декември 2024

Ураганот Ијан ја одложи мисијата „Кру-5“ на НАСА

Ураганот Ијан ја одложи мисијата „Кру-5“ на НАСА

Хјустон, 28 септември 2022 (МИА) - Ураганот Ијан ги принуди НАСА и „Спејс-Икс“ да одредат нов датум за лансирање на мисијата „Кру-5“ на Меѓународната вселенска станица.

Лансирањето, првично планирано за 3 октомври, сега ќе се случи најмалку ден подоцна. Тимовите на мисијата ќе продолжат да ги следат влијанијата на ураганот Ијан на вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА и областа Спејс Коуст на Флорида. „Безбедноста на екипажот, копнените тимови и хардверот се од најголема важност за НАСА и 'Спејс-Икс',“ се вели во соопштението на НАСА. Мисијата треба да ги пренесе астронаутите на НАСА - Никол Аунапу-Ман и Џош Касада, кои ќе бидат командант и пилот на мисијата, заедно со астронаутот на JAКСA (Јапонската агенција за воздушно-вселенско истражување) - Коичи Ваката и космонаутот на Роскосмос, Русинката Ана Кикина, кои ќе служат како специјалисти во мисијата. Тие ќе патуваат до МВС заради шестмесечна научно-технолошка истражувачка мисија. Според Националниот центар за урагани, Ијан го зафати копното на Куба вчера наутро со постојани максимални ветрови од 195 километри на час. Се предвидува дека невремето ќе се приближи до западниот брег на Флорида како исклучително голем и опасен ураган.  си/сд/

Остани поврзан