• петок, 05 декември 2025

Управувањето со климатските ризици и зелените финансии е во рана фаза, потребен е позелен и одржлив финансиски сектор

Управувањето со климатските ризици и зелените финансии е во рана фаза, потребен е позелен и одржлив финансиски сектор

Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) - Само пет проценти од компаниите во земјава имаат планови за справување со климатските ризици, а управувањето со климатските ризици и зелените финансии е во рана фаза, покажува едно неодамнешно истражување спроведено од страна на Народната банка и Европската инвестициска банка.

Проценките на Светска банка се дека во изминатите 20 години климатските промени во Северна Македонија предизвикале загуби од над 650 милиони долари. Се почестите климатски промени на светско ниво веќе чинат милијарди долари годишно и во едни такви услови важно е да се изгради позелен одржлив финансиски сектор, беше посочено на денешната конференција организирана од Народната банка и Фондот за зелен развој, посветена токму на зелените финансии.

Климатските ризици, според првата заменик-гувернерка на централната банка на Германија, Сабине Маудерер, може да имаат директни последици врз стабилноста на цените, финансиската стабилност и економскиот раст. 

- Многу централни банки веќе интегрираат климатски ризици во финансиската супервизија и макропрудентите политики. Истовремено, бараат од банките да ги зајакнат своите модели и рамки за климатски ризици. Во Европа веќе има климатски стрес тестови со цел подобро разбирање како климатските ризици можат да влијаат врз финансиската стабилност, истакна Маудерер во видео обраќањето.

Според гувернерот Трајко Славески, Народната банка ги следи овие практики и придонесува за подобрување на расположливоста на податоците поврзани со климатските ризици, пришто од минатата година започна со објавувањето на Преглед на „зелени“ показатели. 

- Меѓународната заедница предупредува на високите трошоци од задоцнета акција. Декларацијата на меѓународната мрежа за зелени финансиски системи укажува дека тригодишно доцнење во климатската транзиција може повеќе од двојно да ги зголеми глобалните економски трошоци до 2030 година. Свесноста расте и кај регулаторите и кај банкарскиот сектор, но потребни се континуирани и координирани напори. Анализите на ММФ покажуваат дека уделот на приватниот сектор во финансирањето на економиите во развој е потребно да се зголеми од сегашните 40 на 90 проценти до 2030 година, што ја нагласува потребата за силна соработка меѓу владите, меѓународните институции и финансискиот сектор, нагласи гувернерот Славески.

Директорот на Фондот за зелен развој Борислав Костадинов со порака дека сите имаат улога да одликуваат позелен, поодржлив финансиски сектор којшто ќе се бори против климатските промени. 

- Пред 15 години никој од нас немаше да верува дека климатските ризици ќе имаат суштинска улога на конференција за централни банки. Сега, еве сме, тука. Основата на климатските ризици се префрли од маргините во главен фокус и сега е во центарот на финансиската сфера. 2024 година беше најтопла година во историјата, надминувајќи го прагот на сите досегашни нивоа. 2025 година се покажува дека ќе биде сосема малку поладна од претходната. Температурите коишто растат поттикнуваат природни катастрофи, рече Костадинов на отворањето на конференцијата. бак/са/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан