• сабота, 23 ноември 2024

Упатувањето на девојчињата во соодветен Воспитно-поправен дом на комисиска расправа во Собранието

Упатувањето на девојчињата во соодветен Воспитно-поправен дом на комисиска расправа во Собранието

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Предлог измените на Законот за извршување на санкции со кој се предлага девојчињата кои издржуваат казна „упатување во Воспитно-поправен дом“ да бидат сместени во соодветни услови, е на дневен ред на денешната 69. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. 

Со предлогот, со кој со членот 17 е направена измена во членот 34 од Предлог законот, се допрецизира мрежата на казненопоправни и воспитно-поправни установи, односно ВПД Тетово станува воспитно-поправна установа и за машки и за женски лица, за разлика од порано, кога во овој дом беше дозволено мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“ да ја издржуваат само момчиња, за разлика од девојчињата, кои беа сместени во несоодветни услови во рамки на КПУ Идризово.

МИА претходно пишуваше за оваа нееднаквост при што утврди дека кога имаат потреба од нешто, малолетничките кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, сместени во адаптирана соба во ходник во рамките на Казнено-поправната установа Идризово, се принудени да викаат преку прозорецот од тоалетот, бидејќи немаат уред за повик до службите. 

При нашата посета во 2022 година, увидовме дека малолетничките се сместени во една трошна и студена просторија за која кажаа дека понекогаш нема и вода. 

Овие штитенички, спротивно на законот, беа сместени во просторија која не обезбедува целосна изолација, односно, оневозможување контакт со осуденичките со кои се во допир при добивање на храната и при користење на слободно време за прошетка на отворено. Единствена активност таму им беше цртањето и прошетката во дворот, кој го делат со останатите возрасни затворенички и за кој мора да чекаат слободен термин.

За разлика од нив, штитениците во Воспитно-поправниот дом - Тетово, каде тогаш беа сместени 21 момче, имаат уредни, опремени соби, тоалети, училници, теретана, игралишта на отворено, менза, работилници и многу други алтернативи со кои на креативни начини го исполнуваат нивното слободно време. 

Со штитениците во Волковија работи тим од воспитувачи, како и психолог, педагог и социолог, додека, во Идризово, малолетничките имаа само една воспитувачка која ја делат со сите останати затворенички.

Оваа фактичка состојба која МИА и „Само прашај“ ја утврдија со посетите и сториите кои ги објавија, го поттикна Народниот правобранител да изврши специјална, вонредна посета во ВПД Идризово, при што изготви констатација со наводи и препорака која ќе ја упатат до Управата за извршување на санкции да се најде друго, посоодветно решение. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, исто така, покрена постапка за утврдување на потенцијална дискриминација, која е во тек.

Едно од решенијата кое и тогаш го предложи омбудсманот беше девојчињата да се сместат во ВПД Волковија со претходно овозможени услови за физичко одвојување од момчињата, како што налага Членот 40 од Законот за извршување на санкции кој предвидува дека „децата според полот се сместуваат во посебни домови, а можат да бидат сместени во еден дом, но одвоено“.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права нагласија дека условите во женското одделение на КПД Идризово ни приближно не ги задоволуваат стандардите во кои девојчињата треба да ја издржуваат воспитно-поправната мерка и оттаму посочија дека, исто така, алтернативно решение е сместување на девојчињата во ВПД-Тетово.

Европската Комисија во своите редовни извештаи, оттогаш,постојано нотира несоодветни услови за малолетничките кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“ и, исто така, побара законски измени.

Целта на Предлог-измените на Законот за извршување на санкциите, меѓу другото, е и решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина како и во затворите, така и генерална и општата безбедност во државата, пред сѐ преку воспоставување на законски основ и формирање на единици за затворско разузнавање и единици за интервенции, како и воспоставување на систем за видео надзор и користење боди камери во установите, потоа намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, решавање на проблемот со пренатрупаноста и регулирање и унапредување на права од работен однос на сите категории вработени лица во КПУ и ВПУ.

Покрај Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите, на денешната седница на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е и Предлог на закон за  помилување и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител. ар/бак/


Фото:МИА архива 

Остани поврзан