• недела, 22 декември 2024

За иста мерка, момчињата во Воспитно-поправен дом, девојчињата во затвор

За иста мерка, момчињата во Воспитно-поправен дом, девојчињата во затвор

Скопје, 2 април 2022 (МИА) – Кога имаат потреба од нешто, малолетничките кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, сместени во адаптирана соба во ходник во рамките на Казнено-поправната установа Идризово, се принудени да викаат преку прозорецот од тоалетот, бидејќи немаат уред за повик до службите. Овие штитенички, спротивно на законот, се сместени во просторија која не обезбедува целосна изолација, односно, оневозможување контакт со осуденичките со кои се во допир при добивање на храната и при користење на слободно време за прошетка на отворено.

Малолетничките се сместени во една трошна и студена просторија за која велат дека понекогаш нема и вода. Единствена активност таму им е цртањето и прошетката во дворот, кој го делат со останатите возрасни затворенички и за кој мора да чекаат слободен термин. За разлика од нив, штитениците во Воспитно-поправниот дом - Тетово, каде се сместени 21 момче, имаат уредни, опремени соби, тоалети, училници, теретана, игралишта на отворено, менза, работилници и многу други алтернативи со кои на креативни начини го исполнуваат нивното слободно време. Со штитениците во Волковија работи тим од воспитувачи, како и психолог, педагог и социолог, додека, во Идризово, малолетничките имаат само една воспитувачка која ја делат со сите останати затворенички.

Оваа фактичка состојба која МИА и „Само прашај“ ја утврдија со посетите и сториите кои ги објавија, го поттикна народниот правобранител да изврши специјална, вонредна посета во ВПД Идризово, при што изготви констатација со наводи и препорака која ќе ја упатат до Управата за извршување на санкции да се најде друго, посоодветно решение. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, исто така, покрена постапка за утврдување на потенцијална дискриминација, која е во тек.

Едно од решенијата кое го предлага омбудсманот е девојчињата да се сместат во ВПД Волковија со претходно овозможени услови за физичко одвојување од момчињата, како што налага Членот 40 од Законот за извршување на санкции кој предвидува дека „децата според полот се сместуваат во посебни домови, а можат да бидат сместени во еден дом, но одвоено“.

Во интервју за МИА, народниот правобранител, Насер Зибери, образложи дека при посетата во август 2021 констатирале дека малолетничките кои се упатени на издржување воспитно-поправна мерка се во постојан контакт со возрасните женски лица кои се на издржување казна затвор. Своевремено, тие побарале од Управата за извршување на санкции и Министерството за правда да преземат мерки на издвојување и изолирање на малолетничките. Овие институции притоа создале „изолиран“ простор каде што сега се сместени овие малолетнички, а за кои правобранителот вели дека и тие услови не ги задоволуваат стандардите кои ги бара и домашното законодавство и меѓународните стандарди, како што, впрочем, претходно утврдија МИА и „Само прашај“. За да ја провери состојбата, омбудсманот, остварува нова посета во март 2022 година, веднаш по објавувањето на написите и по нашето барање по ова прашање. Специјалната посета ги потврди фактите наведени во нашите написи и установи дека штитеничките се ставени во посебна просторија, но, тоа не обезбедува и целосна изолација. Нивната посета констатира дека малолетничките се во контакт со осуденичките при добивање на храната како и при користење на двочасовниот слободен простор за прошетка и воздух, а се јавува и проблемот со овозможување на соодветна здравствена заштита.

- Таму се јавуваат и други проблеми во смисла на овозможување соодветна здравствена заштита. Во рамките на казнено-поправната установа - Идризово, амбулантата и лекарот се сместени во затворениот дел од машкиот дел на затворот и кога имаат здравствени проблеми, децата кои се упатени на издржување воспитно-поправна мерка треба да најават кај амбулантата, односно лекарот и лекарот треба да ги посети нив таму, а не да се носат децата заради изолираниот процес. Прашање е како лекарот ја врши таа здравствена контрола врз овие деца кога истата не се изведува во амбуланта. Значи, нема соодветни средства, нема соодветни медикаменти, нема соодветни инструменти и ова прашање навистина загрижува, изјави Зибери.

Го нагласи фактот што местото каде што се изолирани овие девојки нема уред за повик до редарските и другите служби кога имаат каква било потреба и тие се принудени преку прозорите на тоалетите да викаат помош до редарската служба, односно командирките.

Зибери посочи дека загрижува и процесот на нивното превоспитување, имајќи предвид дека целта на мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“ е токму превоспитувањето на овие деца и го издвои проблемот со недостиг на образовен процес, за кој, претходно објавија МИА и „Само прашај“. - Таму не се води воопшто образовен процес, не се ангажирани активно во нивното слободно време, не се водат физички и спортски активности. Со еден збор, се оставени на милост и немилост. Гледано од овој аспект, значи ова одделение за овие деца не ги исполнува ниту минималните стандарди за спроведување воспитно-поправна мерка и постигнување на целта – превоспитување на овие деца, посочи тој.

Алтернативите постојат, потребна е координација помеѓу институциите

Членот 40 од Законот за извршување на санкции предвидува дека „децата според полот се сместуваат во посебни домови, а можат да бидат сместени во еден дом, но одвоено." Во таа насока, народниот правобранител информираше дека изготвиле констатација со наводи и препорака, која ќе ја упатат до Управата за извршување на санкции да се најде друго, посоодветно решение. Како едно од решенијата, народниот правобранител го наведе упатувањето на женските лица во Воспитно-поправната установа - Тетово, односно во Волковија, со претходно создавање соодветни услови за издвојување од машките деца кои ја издржуваат истата мерка. Според него, на овој начин, можеби ќе има поадекватни услови за нивно превоспитување и овозможување посоодветна здравствена заштита, а, се разбира, како што вели, таму има и подобри услови за сместување.

- Законот вели може да бидат во ист објект, но физички издвоени. Значи, воспитно-поправната установа во Волковија има доволен капацитет. Таму има сместувачки капацитети за 110 лица, а во моментот таму издржуваат мерка 18 лица од машкиот пол, што значи дека се користи некаде околу 70 отсто од капацитетот. Тоа е прво. Второ, има соодветни услови кои можат лесно да се преадаптираат и еден дел да се издвои целосно физички за да ги исполнува критериумите кои ги предвидува Законот за извршување санкции. Во услови кога се применува мерката која ја издржуваат и машките и женските лица полесно е да се изведе превоспитување, образование и други мерки за соодветно постапување со лицата упатени на издржување воспитно-поправна мерка, вели Зибери.

Народниот правобранител Насер Зибери во интервју за МИА вели дека најголем проблем е ресоцијализацијата и образовниот систем за малолетниците сместени во ВПД Тетово. Парцијалното решавање на

Од Хелсиншкиот комитет за човекови нагласуваат дека условите во женското одделение на КПД Идризово ни приближно не ги задоволуваат стандардите во кои девојчињата треба да ја издржуваат воспитно-поправната мерка и оттаму посочуваат дека алтернативно решение е сместување на девојчињата во ВПД-Тетово. - Тие немаат никакви услови за спортски и вокациски активности, немаат доволно групни и индивидуални активности, образовен процес, ниту пак соодветни материјални услови, а особено поради тоа што се оддалечени само на неколку метри од возрасните осуденички. Државата треба да изнајде решение со цел нивно сместување во објект кој ќе ги исполнува условите како што е ВПД – Тетово, велат оттаму. Според Комитетот, за оваа цел ќе биде потребно и вработување на дополнителен кадар што бара и одвојување на определени средства од државниот буџет за казнено-поправните и воспитно-поправните установи за кој велат дека оваа година е повторно намален.

Народниот правобранител утврдил дека Воспитно-поправниот дом –Тетово ги исполнува стандардите предвидени за една таква установа во смисла на простор, услови, храна, хигиена, одржување на редот и другите активности, меѓутоа, издвојува и две забелешки кои се однесуваат на квалитетот на изведување на образовниот процес и здравствената заштита. Оваа констатација, како што велат, е поткрепена со препорака до надлежните институции. - Од страна на Управата за извршување санкции добивме одговор дека ќе преземат мерки за создавање на соодветни услови во таа насока и во координација со Министерството за образование дека ќе се преземат мерки за подигнување на квалитетот за изведување на воспитно-обртазовниот процес. Додека, од страна на Министерството за здравство за жал немаме позитивен одговор. Односно, нивниот одговор се сведува на тоа дека не располагаат со доволен кадар и не се во можност секогаш навреме да ги извршуваат обврските кои произлегуваат од Законот за извршување санкции, споделува Зибери.

Нееднаквиот третман индиција за потенцијална дискриминација

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по написите на МИА и „Само прашај“, донесе одлука за постапка по службена должност. На седницата одржана на 17 март 2022 година, КСЗД одлучи да постапува и да утврди дали во овие случаи има индиции за потенцијална дискриминација.

- Комисијата го виде ова истражување во медиумите, веќе беше дискутирано и претходно во однос на постоење на одредени индиции за потенцијална дискриминација врз основа на пол и род и во пристап до образование врз основа на личен статус на децата кои што се упатени во Воспитно-поправен дом и комисијата донесе одлука дека ќе покрене постапка по службена должност заради постоечките индиции кои што ги видовме во медиумите за постоење на овие два типа на дискриминација, изјави Игор Јадровски од КСЗД. Согласно законот, откако ќе ја покрене постапката, Комисијата упатува Барање за произнесување до потенцијалниот дискриминатор. - Можеме да извршиме увид на лице место и да ги преземеме сите останати дејствија предвидени согласно законот како процесно дејствие на комисијата и потоа носиме мислење и препорака доколку утврдиме дискриминација, појаснува Јадровски.

Во однос на тоа какво мислење би имале во конкретниов случај, тој вели дека „можеме да разговараме откако ќе ја спроведеме постапката и донесеме мислење и препорака“. Во однос на други претставки кои се однесуваат на деца во судир со законот, Јадровски информираше дека до сега немале такви, меѓутоа, имале претставки за потенцијална дискриминација врз основа на пол и род и исто така имале претставки кои што значат дискриминација во пристап до образование, но не за деца кои што се на издржување на ваков вид на мерка. Тој нагласува дека е исклучително важно да имаме превенција од дискриминација преку проширената надлежност на Комисијата која опфаќа информативната функција, подигањето на свеста за феноменот на дискриминација, заштитните последици и заштитните механизми од дискриминацијата кои, според него, се клучни за да се намалат случаите на дискриминација.

-Исклучително е важно да се знае дека во оние случаи кога ќе дојде до дискриминација, граѓаните не треба да се плашат или да стравуваат дека може да пријават дискриминација и дека заради тоа би трпеле штетни последици, бидејќи го имаме Законот за спречување и заштита од виктимизација, односно заштита од трпење на штетни последици доколку некој пријави дискриминација. Во оваа насока, би ги охрабрил граѓаните кои што се чувствуваат дискриминирани да пријават дискриминација и да не продолжат да ги трпат штетните последици од дискриминацијата без да пријават. Од друга страна, Комисијата во иднина ќе работи уште позасилено и ќе се труди да ги активира информативната и превентивната компонента кои ќе доведат до намалување на дискриминацијата, порачува тој. МИА се обиде да стапи во контакт со Управата за извршување на санкции во однос на нивниот став по основ на прашањето за несоодветното сместување на малолетничките во Идризово, меѓутоа до објавувањето на оваа сторија не доби одговор.

Констатациите се дека сместувањето на женски деца упатени на издржување воспитно-поправна мерка во КПУ Идризово е несоодветно, а спроведувањето на соодветен образовен процес во казнено-поправните установи, не е на задоволително ниво, како од перспектива на обезбедување соодветни просторни, материјални и кадровски услови, така и од перспектива на континуитет и трајност на веќе воспоставените процеси на формално и неформално образование. Препораката е да се изнајде решение за преместување на женските деца упатени на издржување воспитно-поправна мерка во друга, соодветна установа, која ќе ги исполнува условите за успешно остварување на процесот на превоспитување и поголема ангажираност од страна на Управата за извршување на санкции и Министерството за образование и наука, во соработка со одговорните лица во установите, во насока на преземање активности и мерки за обезбедување на тие просторни, материјални и кадровски услови, како и за одржување континуитет во образовниот процес.

Ана Цветковска

Ангела Рајчевска

Борис Куноски

Оваа содржина ја изработи Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“ што го финансира Британската амбасада во Скопје. 

Остани поврзан