• сабота, 23 ноември 2024

Уништени канделабри, клупи и урбана опрема на пешачката и велосипедска патека во Штип

Уништени канделабри, клупи и урбана опрема на пешачката и велосипедска патека во Штип

Штип, 24 февруари 2024 (МИА) - Оштетени се повеќе канделабри и урбана опрема на пешачката патека покрај реката Брегалница во Штип. Градоначалникот Иван Јорданов и директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски, на социјалните мрежи објавија фотографии од искршената опрема на патеката. Апелираат до младите да бидат одговорни и да ја чуваат урбаната опрема што е поставена заради безбедност на жителите на Штип.

- Во текот на ноќта при чин на хулиганство, оштетени се повеќе канделабри и урбана опрема на пешачката патека. Ова однесување, особено кај нашите млади луѓе, е длабоко загрижувачко и бара итно внимание. Канделабрите беа поставени поради поголема безбедност на жителите на Штип, да можат да ја користат патеката за прошетки и релаксација и во вечерните часови, вели Јорданов.

Тој додава дека апелираат и до сите граѓани на поголема општествена одговорност и осуда на ваквите девијантни и деструктивни појави. Јорданов посочува дека само преку колективна свест и одговорност, може да се заштитат јавните површини.

- Дежурните екипи на ЈП „Стипион“ утрово ажурно интервенираа, ги санираа штетите и ги оспособија канделабрите за граѓаните безбедно да можат да ја користат патеката, пишува во соопштението на претпријатието.

Оттаму посочуваат дека ќе продолжат посветено да работат во служба на граѓаните и на нивните потреби. Ова не е прв вандалски чин на урбаната опрема и на канделабрите на оваа патека, што од страна на штипјани се користи за рекреирање и спортски активности. вдј/бд/

Фото: Општина Штип

Остани поврзан