• сабота, 23 ноември 2024

Унгарскиот музичар Ричард Залаи со концерт во МКЦ

Унгарскиот музичар Ричард Залаи со концерт во МКЦ

Скопје, 27 мај 2023 (МИА) - Унгарскиот музичар, продуцент и пијанист, Ричард Залаи вечер од 21 часот, во кино Фросина во Младинскиот Културен Центар ќе одржи концерт.

Како што информираат од МКЦ, Ричард го гради својот музички израз на амбиенталната музика врз класична срцевина, која овозможува патување во себството и истражување на нашето најдлабоко јас.

 - Неговата музика содржи полнокрви хармонии и инструменти, кои креираат комплексен музички феномен, како виножито во природа – “Lángoló gitárok” (врвен музички блог во Унгарија). Музиката на Залаи и неговиот еклтектичен вкус му дозволува да создаде широки звучни пејзажи кои комбинираат винтиџ елементи со модерен печат. Неговата цел е едноставна: да направи публиката да доживее музички оргазам, стои во соопштението од МКЦ.

Дополнуваат дека пред Залаи, на сцената ќе настапи артистот ONAKOM. Станува Збор за Тамас Бирињи, графички и визуелен уметник кој работи под псевдонимот ONAKOM. 

- Како визуелен диџеј, Тамас соработувал на мноштво музички проекти, додека од 2020 година и самиот почнува да создава музика. Неговите мрачни, повеќеслојни слики сега се дел и од неговата вонземска музичка подлошка. Чудната атмосфера која ONAKOM Ја создава со неговите надреални музички пејзажи, не носат длабоко во еден утопистички свет, туркајќи ги границите на експерименталниот звучен дизајн, downtempo музиката и басовите, велат од МКЦ.

Концертот е реализиран во рамки на платформата Liveurope - првата Паневропска иницијатива која ги поддржува напорите на концертните сали во промоцијата на надоаѓачки европски артисти, мрежа која е ко-финансирана од програмата на Креативна Европа. ар/лв/

Фото: МКЦ

  

 

  

Остани поврзан