• понеделник, 23 декември 2024

„Украинските предизвици“ на кандидатката за еврокомесарка за проширување Марта Кос  

„Украинските предизвици“ на кандидатката за еврокомесарка за проширување Марта Кос  

Брисел, 23 септември 2024 (МИА) – Поранешната словенечка амбасадорка во Германија и Швајцарија, Марта Кос е номинирна за нова еврокомесарка задолжена за ресорот проширување, процес со кој се опфатени земјите од Западниот Балкан, но и Украина и Молдавија. 

Кос генерално е на линија на политиката на ЕУ за поддршка на Украина во спротивставувањето на руската агресија, но нејзина изјава од 2022 година во некои кругови во Брисел предизвика загриженост дека таа би можела да има „помирувачки тон кон Москва“. 

Станува збор за изјава на Кос за „Журнал24“ од март 2022 година во која таа нагласува дека е потребно да се упатат критики кон Москва поради инвазијата врз Украина, но дека „не смее да се затворат вратите кон Русија“. 

Таа во изјавата уште дополнува и дека „Словенија отсекогаш имала добри односи со Русија“, но дека за време на претходната Влада на словенечкиот премиер Јанез Јанша „видовме оддалечување од Русија кон САД“. 

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Хеорхи Тихиј одби да ги коментира изјавите на Кос, нагласувајќи дека Украина ќе се фокусира на постапките на официјалните лица, наместо на она што го кажале. 

- Секогаш гледаме што прават луѓето, а не што зборуваат. Се разбира, кога има изјави кои се контрадикторни на нашите интереси или претставуваат непочитување кон Украина, ние реагираме, но нашата примарна цел е да гледаме на делата, а не на зборовите, додаде Тихиј. 

Словенечкиот политиколог Алем Максути, пак, за бриселскиот портал „Политко“ изјави дека нема потреба за сомнеж околу ставовите на Кос за поддршката на Киев, имајќи предвид дека таа важи за „близок соработник“ на премиерот на Словенија, Роберт Голоб, чија партија Движење „Слобода“ (ГС) „ја поддржува борбата на Украина против руската агресија“. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е поддржувач на пристапувањето на Украина и Молдавија во ЕУ, но во дел од земјите членки на Унијата постојат резерви околу подготвеноста на двете земји за членство, што во Киев и Кишињев предизвикува загриженост дека нивниот пристапен процес би можел да трае со години или дури децении. 

Според „Политико“, со оглед на чувствителноста на нејзините идни надлежности како еврокомесарка за проширување, овие изјави на Кос „сигурно ќе се најдат под лупа“ за време на нејзиното претстојно сослушување во Европскиот парламент. 

Покрај овие изјави, дополнителен проблем за Кос може да бидат и обвинувањата за нејзина поврзаност со тајните служби на поранешна Југославија пред повеќе од три децении. Иако таа ги негираше обвинувањата дека била соработник на тајните служби, сепак тоа фрли дамка врз нејзиното професионално минато. 

Во однос на нејзината дипломатска кариера се провлекуваат и обвинувањата за „несоодветно менаџирање“ како амбасадорка од страна на вработени во Словенечката амбасада во Швајцарија, поради што таа се повлече од амбасадорската функција во 2020 година.  

Во 2022 година Кос беше најавена како кандидат на ГС за претседател на Словенија, но таа ја повлече кандидатурата пред изборите поради несогласувања со Голоб. Словенечките медиуми, тврдат и дека на почетокот на годинава на Кос и било понудено да биде носител на листата на ГС на јунските избори за членови на Европскиот парламент, како и место во новата Еврокомисија, но дека таа тогаш ги одбила ваквите понуди. 

Словенија првично за еврокомесар го номинираше поранешниот прв човек на словенечкиот Суд на ревизори, Томаж Весел, но тој ја повлече кандидатурата по информациите дека Фон дер Лајен побарала од некои земји членки да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, со цел да се постигне колку што е можно поголема родова еднаквост во новото извршно тело на ЕУ. По ова, Љубљана ја номинира Кос за кандидатка за членка на ЕК. Претходно и Романија го замени својот кандидат за еврокомесар со кандидатка. сп/ 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан