• сабота, 23 ноември 2024

Украина негира дека Русија контролира 80 отсто од Бахмут

Украина негира дека Русија контролира 80 отсто од Бахмут

Киев, 12 април 2023 (МИА) - Украинската армија го отфрли како неточно тврдењето на Русија дека контролира 80 отсто од Бахмут, посочувајќи дека украинските сили контролираат „значително повеќе“ од 20 отсто од градот на истокот на земјата.

Основачот на руската приватна воена компанија Вагнер Евгениј Пригожин претходно изјави дека неговите сили напредуваат за да го заземат Бахмут и дека контролираат 80 отсто од градот.

Русија смета дека заземањето на Бахмут ќе ја отвори можноста за идни офанзиви низ Украина, додека Киев и Западот велат дека уништениот град има само симболично значење.

Командантот на копнените сили на Украина, Олександр Сирски,  претходно вчера изјави дека Русите во Бахмут почнале да ја користат тактиката на „изгорена земја“, што ја користеле во Сирија, и додаде дека ситуацијата во градот е тешка, но под контрола. 

- Непријателот се префрли на таканаречената тактика на „сириската изгорена земја“. Тие уништуваат згради и позиции со воздушни напади и артилериски оган. Одбраната на Бахмут продолжува. Ситуацијата е тешка, но под контрола, рече Сирски.

Сирски нагласи дека украинските војници ги исцрпиле припадниците на руската паравоена група Вагнер, па Русија била принудена да вклучи специјални сили и воздушни единици во битката за Бахмут.

Инаку, „изгорена земја“ е назив за воена стратегија во која сè што може да биде од корист за непријателот намерно се уништува за време на повлекувањето. ссм/

фото: Гугл мапи

Остани поврзан