• понеделник, 23 декември 2024

УКЛО Битола потписник на Декларација од Барселона за отворени истражувачки информации

УКЛО Битола потписник на Декларација од Барселона за отворени истражувачки информации

Битола, 22 јули 2024 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола е првиот и единствен македонски универзитет кој се приклучи на Декларација од Барселона за отворени истражувачки информации.

Со прифаќање на Декларацијата од Барселона, УКЛО ја потврдува посветеноста за унапредување на знаењето за подобрување на општеството и промовирање на култура во која информациите за истражување се слободно достапни за сите, истакна ректорот на УКЛО, Игор Неделковски.

-Реализацијата на иницијативата и приклучувањето на УКЛО кон меѓународни иницијативи од овој тип, придонесува за зголемување на видливоста на научната компонента, но и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во целина, посочи Неделковски.

Според проректорот за наука, Горан Илиќ овој нов момент е значаен чекор напред во заложбата на УКЛО за поттикнување на транспарентноста во истражувачките практики, особено затоа што, Декларацијата од Барселона претставува заеднички напор на институциите ширум светот за револуција во ширењето и користењето на информациите за истражување.

-Отвореноста на информациите за истражување е од клучно значење бидејќи обезбедува достапност и транспарентност на истражувањето до сите засегнати страни и го поддржува глобалното движење кон отворена наука, нагласи Илиќ.

Декларацијата од Барселона ја потпишаа триесеттина универзитети од Франција, Грција, Чешка, Холандија, Шпанија, Германија..., а меѓу нив е и македонскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола. мт/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан