• среда, 27 ноември 2024

„Убавите жени“ - ново поетско издание на Зоран Пејковски

„Убавите жени“ - ново поетско издание на Зоран Пејковски
Битола, 21 март 2022 (МИА) - Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје ја објави новата збирка песни „Убавите жени“ чиј автор е македонскиот писател Зоран Пејковски. Рецензенти на збирката се две значајни авторки во македонската книжевна и научна мисла, проф. д-р Соња Стојменска Елзесер и д-р Лилјана Пандева. -Стихозбирката „Убавите жени“ од Зоран Пејковски се базира врз традиционално - универзални проблемски јадра и комбинира архаична наративност, препознатлива како библиска поетичка линија, со богати поетски слики и метафори, и со ретки, но особено ефектни звуковно-значенски комбинирања на јазичниот материјал. Неговите поетски изблици во прв ред се доживуваат како сензуални и еротизирани, но во позадина избива продлабочена рефлексивност, која го поставува читателот пред низа прашалници и го повикува во мисловни авантури, посочи рецензентката проф. д-р Соња Стојменска Елзесер Според д-р Лилјана Пандева, збирката „Убавите жени“ е една од најлиричните поезии во поново време. -Иако по вокација драматург, се чини дека во „Убавите жени“ Пејковски успеал комплетно да се „нурне“ во поезијата. И тоа во чиста. Не дека во некои од овие песни го немаме драмскиот елемент (може ли каде што има жена да нема драма?!), но во „Убавите жени“ станува збор за чиста поезија. Како што всушност тој ја опишува и жената. Можеби насловот на збирката можел да оди во еднина. Затоа што сите песни се за жената. За една жена. Уште од нејзината прамајка Ева, тука наречена икона на универзумот, нагласи Пандева. Битолчанецот Зоран Пејковски е драмски писател, драматург, сценарист, поет, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, а во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европска Унија. мт/мд/

Остани поврзан