• понеделник, 23 декември 2024

Турција се повлече од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа

Турција се повлече од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа

Анкара, 5 април 2024 (МИА) - Турција денеска се повлече од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа (ЦФЕ).

„Донесена е одлука од 8 април 2024 година да се прекине примената на Договорот меѓу Република Турција и другите држави потписнички , согласно член 3 од Претседателскиот декрет бр. 9“, се наведува во Службениот весник на земјата, јавија турските медиуми.

Договорот беше потпишан на 19 ноември 1990 година во Париз од 22 земји. Договорот беше склучен во текот на последните години од Студената војна, со цел да се намали постоечкото конвенционално офанзивно вооружување што го поседуваат земјите-членки на НАТО и поранешните земји од Варшавскиот пакт, како и можноста за ненадеен вооружен напад и започнување на големи офанзивни операции во Европа.

Полскиот претседател Анджеј Дуда минатата недела го потпиша Законот за суспензија на Договорот за конвенционалните вооружени сили во Европа.

„Суспендирањето на овој акт ќе значи дека Република Полска, како и другите земји кои ќе одлучат да го сторат тоа, иако формално остануваат потписнички на овој договор, нема да бидат обврзани да ги спроведуваат неговите одредби“, се наведува во соопштението на кабинетот на Дуда. 

Во ноември минатата година, Русија официјално се повлече од големиот пакт за контрола на оружјето од времето на Студената војна со воениот блок на НАТО, велејќи дека „застарениот договор е мртов со години и целосно го изгубил контактот со реалноста во современиот свет“. рп/

Остани поврзан