• понеделник, 23 декември 2024

Тројца загинати и голем број повредени во руските напади врз четири украински региони

Тројца загинати и голем број повредени во руските напади врз четири украински региони

Киев, 27 март 2024 (МИА) - Три лица загинаа, а голем број се ранети во руските напади врз четири региони во Украина, соопштија локалните власти.

Гувернерот на Херсонската област извести дека 61-годишна жена загинала во својот дом за време на напад со беспилотно летало врз селото Михаиловка, лоцирано на десниот брег на реката Днепар, каде минува линијата на фронтот во овој јужен украински регион.

Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, на апликацијата „Телеграм“ соопшти за руски напад врз станбена зона во градот, во кој едно лице загина, а 12 се повредени, меѓу кои и четири деца. Причинета е значителна штета на неколку петкатници. Оштетена е и зградата на Институтот за итна медицинска помош“, додаде Терехов.

Харковската област, која го опфаќа истоимениот град - втор по големина во Украина - се граничи со Русија и е речиси секојдневно гранатиран од руската војска.

Најмалку шест лица се повредени во руски ракетен напад врз градот Николаев, соопшти шефот на регионалната воена администрација Виталиј Ким. „Имаме информации за шест жртви, од кои едно лице е тешко повредено“, напиша Ким на Телеграм.

Од своја страна, шефот на воената администрација на регионот Днепар, Серхиј Лисак, соопшти дека 55-годишен маж загинал во руското гранатирање на градот Николопол. Во градот се оштетени станбени згради и далноводи, а информациите за штетите се уште се ажурираат.

Вкупно 13 руски беспилотни летала нападнаа синоќа неколку украински региони, објави на Телеграм командантот на украинските воздухопловни сили, Микола Олешчук.  Десет од нив беа пресретнати од украинската противвоздушна одбрана над регионите Харков, Суми и Киев, додаде тој, без да прецизира што се случило со другите три беспилотни летала.

Руската војска рано утринава соопшти дека уништила 18 проектили истрелани од Украина со ракетни фрлачи „Вампир“ кон регионот Белгород.

Според регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков, едно лице е рането „од шрапнели“ во овој пограничен регион, кој е цел на бројни украински напади со беспилотни летала и артилерии. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан