• сабота, 14 декември 2024

Тркалезна маса ,,Улогата на судовите при заштитата на животната средина“

Тркалезна маса ,,Улогата на судовите при заштитата на животната средина“

Скопје, 2 декември 2024 

Денес во Скопје се одржа настан – тркалезна маса ,,Улогата на судовите при заштитата на животната средина” посветена на неодамнешниот начелен став на Врховниот суд на Република Северна Македонија, со кој за првпат во нашата земја се утврдува дека државата има обврска да обезбеди здрава животна средина за своите граѓани.

Врховнииот суд со начелниот став ја нагласи обврската на државата да застане зад правата на граѓаните за здрава и чиста животна средина, создавајќи правна основа за покренување на судски постапки против државата во случаи на штета предизвикана од загадување.

Претседателката на Врховниот суд судија Беса Адеми изјави:

„Само преку правна држава и владеење на правото можеме да ги заштитиме човековите права, вклучувајќи го и правото на здрава животна средина. Со начелниот став, државата се задолжува да го гарантира ова право и да обезбеди соодветна заштита преку управни постапки.“

Судијата Џемали Саити истакна:

„Ова начелно правно мислење е силна порака до сите државни институции за нивните обврски во однос на заштитата на животната средина. Судот ја потсетува извршната власт на ветувањата и одговорностите што ги има преземено кон граѓаните.“

Што значи ова за граѓаните?

Врховниот суд во Начелниот став утврди дека граѓаните можат да бараат судска заштита во управен спор пред управните судови.

Согласно овој начелен став, управните судови конечно ќе можат да ѝ наложат на извршната власт (надлежните институции) да донесат национален план за подобрување на квалитетот на воздухот, кој не е донесен повеќе од осум години.

Дополнително, пред управните судови, согласно одредбите од Законот за управните спорови граѓаните можат да бараат надомест на штета. Доколку управните судови не

го утврдат надомест на штета, граѓаните можат да поднесат барање за штета во граѓанска постапка.

Процесот кој доведе до ова одлука

Адвокатот Жарко Хаџи Зафиров истакна:

„Борбата за да се дојде до вакво начелно мислење започна уште во 2018 година, со поднесување на индивидуални предмети поради преголемата загаденост на воздухот во општините каде што загадувањето е секојдневие, особено во зимскиот период. Ваквите случаи го поставија прашањето на правната заштита на правото на здрава животна средина и го отворија патот за ова значајно мислење.“

Проф. д-р Борче Давитковски додаде дека овој став на Врховниот суд е обврзувачки за Управниот и Вишиот управен суд, кои сега ќе можат директно да ја задолжат извршната власт да спроведе мерки за подобрување на животната средина. Тој посочи дека постапките во случаи на „молчење на администрацијата“ ќе бидат особено значајни за граѓаните да ги остварат своите права.

Адвокат Александар Гоџо:

„Правниот поредок е создаден да биде предизвикан. Со овој начелен став, нашата држава се приклучува кон современите меѓународни правни текови и обезбедува механизми за остварување на загарантираните права.“

 

ЗАКЛУЧОК

Со начелниот правен став на Врховниот суд на Република Северна Македонија, се поставува силна правна основа за заштита на правото на граѓаните за здрава животна средина. Ова значи дека државата е задолжена да преземе конкретни мерки за заштита на животната средина, а граѓаните добиваат можност да бараат судска заштита против државата за загадување, доколку постои неисполнување на законските обврски.

Начелниот став на Врховниот суд не само што е преседан во нашата судска пракса, туку претставува и важен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, особено во контекст на заштита на амбиентниот воздух. Со ова, се создава правен механизам кој ќе ги поттикне надлежните институции да донесат национални стратешки документи за намалување на загадувањето, кои изостануваат повеќе од осум години.

Граѓаните сега имаат правно средство преку која можат да го заштитат своето право на здрава животна средина, а државата е задолжена да ги исполни своите обврски. Ова одлучување, исто така, ги следи правните трендови во светот, при што Република Северна Македонија се приклучува на меѓународната сцена во борбата за еколошка правда.

Тркалезната маса беше организирана во рамки на проектот ,,Добро владеење во животната средина на Зелена Агенда за Западен Балкан” финански поддржан од Европската Унија.

Центар за правни истражувања и анализи

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: Принтскрин 

Остани поврзан