• петок, 22 ноември 2024

Тркалезна маса „Добри пристапи на локалната власт за градење на доверба на граѓаните“

Тркалезна маса „Добри пристапи на локалната власт за градење на доверба на граѓаните“

31 јануари 2024

Поголема респонзивност на општините, повеќе успешни мерки и пристапи кои влеваат доверба кај граѓаните, интензивирана меѓуопштинска соработка и размена на искуства, но и зајакнување на процесот на децентрализација – ова се само дел од препораките кои градоначалниците, претставниците на општините, како и претставниците на политичките партии и на граѓанските организации денеска ги дискутираа на тркалезна маса „Добри пристапи на локалната власт за градење на доверба на граѓаните“ организирана од Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Јасмина Трајкоска – Наумоска, авторка на анализата на добри мерки и пристапи на локалната власт за градење доверба кај граѓаните „Неопходни чекори за општините - суштински придобивки за граѓаните“, укажа на потребата добрите практики да се применуваат во што повеќе општини, како и да се развиваат и одржуваат во континуитет.

На тркалезната маса се обратија Орце Ѓорѓиевски, претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, кој зборуваше за улогата на ЗЕЛС при стимулирање размена на добри практики меѓу општините, Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба кој презентираше активности на општината за подобрување на комуникацијата со граѓаните, Елена Маѓеровска – Паликарова, заменик-градоначалничка на Струмица која го претстави Систем 48 за решавање на барања од граѓаните, Тодор Ефремов, секретар на општина Кавадарци кој сподели искуства на општината од мерката „Мој општинар“, како и Валбон Лимани, претседател на Советот на општина Гостивар кој сподели за важноста на личниот пристап на градоначалникот, советниците и општинската администрација при градењето доверба кај граѓаните.

Илина Мангова, регионална советничка за Европа при ИРИ ги сподели и резултатите од квалитативното истражување: дискусија во фокус групи и тестирање на корисничко искуство на услугите на локалната власт кое ИРИ го спроведе во 7 единици на локалната самоуправа.  Наодите укажуваат дека најголем број од истражуваните општини не се доволно респонзивни, односно, немаат воспоставено системски пристап на примање, евиденција, следење и комуницирање на барањата на граѓаните доставени онлајн, телефонски или во живо што прави граѓаните да се чувствуваат неслушнати, разочарани и обесхрабрени повторно да се обратат до општините.

На настанот за споделување добри пристапи, мерки и услуги присуствуваа и градоначалниците на општините Арачиново, Битола, Берово, Кочани, Лозово, Македонска Каменица, Неготино, Пехчево, Свети Николе, Чашка, високи претставници од други општини, како и влијателни граѓански организации кои работат на темата локална власт.

Меѓународен републикански институт (ИРИ)

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ИРИ 

 

Остани поврзан