• петок, 22 ноември 2024

Три училишта и една градинка во Општина Чаир ќе добијат фотоволтаици

Три училишта и една градинка во Општина Чаир ќе добијат фотоволтаици

Скопје, 27 февруари 2023 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу денеска потпишаа договор за кофинансирање на проект за енергетска ефикасност во рамки на ИПА програмата на Европската Унија, со кој три училишта и една градинка во Општината ќе инсталираат фотоволтаици за производство на електрична енергија.

- Денеска со градоначалникот на Чаир потпишуваме договор за кофинансирање на европски проект за енергетска ефикасност во Општина Чаир со која три училишта и една градинка добиваат фотоволтаици и со кој Општина Чаир се вклопува во вкупните интенции на Владата на Република Северна Македонија за заштеда на енергија и за производство на енергија на еден современ еколошки начин со која овие училишта ќе имаат помалку трошоци, а на Општината ќе и се ослободат средства со кои ќе може да реализира повеќе проекти за граѓаните, истакна на денешната прес-конференција министерот Пенов.

Тој информираше дека проектот од ИПА програмата, што ќе се реализира заедно со косовската Општина Урошевац, е во вредност од 423 илјади евра, при што половина од средствата ќе ги користи Чаир, а Министерството ќе учествува со кофинансирање на 15 проценти од средствата.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу рече дека проектот ќе ги опфати училиштата „Хасан Приштина“, „Имри Елези“ и „Лирија“ и детската градинката „Снежана“, како дел од програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Косово преку ИПА фондовите од ЕУ.

- Овие фотоволтаични панели во Општина Чаир за една година ќе произведуваат 104.780 киловат часови електрична енергија. Истовремено, преку овој проект во трите училишта е предвидена замена на старите електрични светилки со 1.465 нови енергетски ефикасни светилки, што заедно со панелите, ќе влијае за намалувањето на потрошувачката на електрична енергија, истакна Ганиу.

Тој напомена дека проектот е започнат во февруари минатата година и се очекува да заврши до јуни оваа година.

Запрашан во врска со промената на името на улицата „Војдан Чернодрински“, Ганиу рече дека тој процес е почнат од порано, со поранешните градоначалници на Општина Чаир и Град Скопје, дека се поминати сите фази за промени на имињата на улиците и дека дури од Општината доцнеле со промовирање на новото име.

Министерот Пенов во врска со истото прашање информираше дека со името „Војдан Чернодрински“ во 2021 година е именувана улица во населбата Пролет во Општина Центар, која ги поврзува булеварите „Кочо Рацин“ и „Крушевска Република“.

Во однос на прашањето кога ќе почне реализацијата на новиот проект за булеварот „Цветан Димов“ во Општина Чаир, градоначалникот Ганиу рече дека има проценителна куќа избрана од Градот Скопје и дека таа ги прави проценките за објектите коишто се опфатени со експропријација и треба да се уриваат. сх/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан