Три држави од Западен Балкан меѓу кои и Северна Македонија влегуваат во втората фаза од програмата на УНФПА и АДА за одговорни семејни политики
- Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се трите држави од Западен Балкан кои се вклучуваат во втората фаза од програмата „Проширување на изборот“ на УНФПА - Фонд за население на Обединетите нации и Австриската агенција за развој (АДА), информираа денеска од УНФПА.
Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се трите држави од Западен Балкан кои се вклучуваат во втората фаза од програмата „Проширување на изборот“ на УНФПА - Фонд за население на Обединетите нации и Австриската агенција за развој (АДА), информираа денеска од УНФПА.
Програмата, во вкупна вредност од 2,2 милиони евра, им дава поддршка на владите и на приватниот сектор во времетраење од три години за зајакнување на родово одговорните семејни политики и промовирање работни места. Програмата е осмислена да ги поддржи владите во зајакнување на родителското отсуство од работното место и другите семејни политики на начин што ќе им биде од полза и на жените и на мажите, а ги поддржува и приватните компании во создавање на работни места приспособени на семејството што ги имаат предвид конкретните потреби на жените.
- Со посилни и одговорни семејни политики и поголем број работни места приспособени на семејството, жените и мажите полесно ќе ги усогласат работата и обврските за грижа, со што се зајакнуваат семејствата, се зголемува еднаквоста, им се овозможува на повеќе жени да се вработат, се поттикнуваат економиите, а државите обезбедуваат подобра позиција во справување со демографските промени, вели директорката на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер.
Според директорот на Австриската агенција за развој (АДА) Фридриф Стифт, крајната цел е да се зајакнат жените на начин што им овозможува да ја имаат кариерата што ја посакуваат, без притоа да мора да прават компромис во врска со основањето семејство.
- Жените продолжуваат да го носат поголемиот дел од товарот поврзан со неплатената грижа и работа во домот, што го отежнува нивното вклучување и останување во работен однос. Истовремено, жените се соочуваат со предизвикот да основаат семејство и да го имаат посакуваниот број деца, без притоа да мора да го напуштат работното место. Како резултат на тоа, стапките на учество на жените во работната сила на Западен Балкан се ниски, помеѓу 16,5 и 52 отсто – значително пониски од оние на мажите. А, стапките на фертилитет во регионот се движат помеѓу 1,3 и 1,5 деца по жена, што е многу пониско од две или повеќе деца колку што луѓето во просек велат дека посакуваат, се наведува во соопштението од УНФПА.
Се очекува резултатите од програмата да придонесат за проширување на можностите на жените и за родова еднаквост, подобрувајќи ги економските перформанси и зајакнувајќи ја отпорноста на државите на демографски промени. Од првата фаза на програмата, што заврши во 2023 година, веќе се произлезени неколку конкретни правни и политички промени поврзани со семејното отсуство од работното место и грижата за децата на државно ниво, мобилизација на околу 20 фирми лидери и 13.000 вработени лица и нивните семејства кои имаат полза од повеќе работни места
приспособени на семејството. бак/дма/
Фото: МИА архива