• понеделник, 23 декември 2024

Триесетдневен притвор за Рашковски, Судот ја прифати жалбата на јавниот обвинител

Триесетдневен притвор за Рашковски, Судот ја прифати жалбата на јавниот обвинител
Скопје, 21 април 2021 (МИА) - Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција ја прифатил жалбата на јавниот обвинител и им определил 30-дневен притвор на лицата Драги Рашковски и Даниел Станчевски, во врска со „истрагата за набавка на софтвер“. -Заради интерес на медиумите околу предлогот на Јавниот обвинител во однос на „истрагата за набавка на софтвер“, ја информираме јавноста дека: Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по жалби изјавени против решенијата на судија на претходна постапка од 16.04.2021 година со кои на Д.Р. и Д.С. им се определува мерка куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост, денеска одржа седница во присуство на странките, по која ценејќи го предлогот како и изјавените жалби донесе решение со кое ја прифати жалбата на Јавниот обвинител и го преиначи решението на судија на претходна постапка. Со тоа на осомничените Д.Р. и Д.С. им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т.1 и 2, стои во соопштението од Кривичниот суд. На 16-ти овој месец судија на претходна постапа во Основниот кривичен суд - Скопје по четиричасовниот распит му одреди куќен притвор на поранешниот генерален секретар на Владата Рашковски, осомничен во случајот за јавна набавка на софтерот за сообраќајни прекршоци. На распит беше спроведен и Даниел Станчевски од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“, од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни, кому судот исто така тогаш му определи мерка куќен притвор. нд/ев/

Остани поврзан