Трета форумска сесија во Крива Паланка, граѓаните даваат предлози за програмите за 2024
- Општина Крива Паланка денеска ја организираше третата форумска сесија од буџетскиот процес за родово-одговорно планирање на општинскиот буџет за 2024 година.
Крива Паланка, 24 ноември 2023 (МИА) - Општина Крива Паланка денеска ја организираше третата форумска сесија од буџетскиот процес за родово-одговорно планирање на општинскиот буџет за 2024 година.
На денешната сесија граѓаните проследија презентација на расходи по годишни оперативни родово-одговорни буџетски програми по кои присутните дискутираа, доставија предлози за интегрирање во буџетот за следната година.
Одговорните раководители од одделенијата во локалната самоуправа ги претставија програмите за: економски развој, култура, уредување градежно земјиште, изградба, реконструкција, одржување и заштита на локална патна мрежа, изградба, реконструкција и одржување на локална, водоводна и канализациска мрежа, изградба, реконструкција и одржување на мрежата за јавното осветлување, а по соодветните програми се одржаа дискусија и родова анализа на предлозите од граѓаните.
Спроведувањето на форумски процес за носење на буџетот на Општина Крива Паланка е пракса што се реализира повеќе години во континуитет.
-Годинашниот форумски процес започна во првата недела од ноември и заклучно со први декември ќе се одржат вкупно четири форумски сесии на кои ќе се подготви предлог- буџетот на општината за 2024 година и ќе се достави на усвојување на Советот на општината во декември 2023 година. Целта на форумскиот процес е зајакнување на граѓанското учество во одлучувачките процеси на локално ниво низ транспарентен начин да обезбеди родово одговорна алокација на буџетските средства, водејќи сметка за различните потреби и приоритети на граѓаните и граѓанките, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
На претходните форумски сесии граѓаните се запознаа со седум оперативни родово-одговорни буџетски програми за 2024 година.
Следната форумска сесија е закажана за наредниот петок. ид/мд/