• петок, 22 ноември 2024

Тренчевска: Со прифаќање на различностите можеме да бидеме посилни како општество

Тренчевска: Со прифаќање на различностите можеме да бидеме посилни како општество

Скопје, 12 јануари 2023 (МИА) - Само заедно со прифаќање на различноста на секој од нас можеме да бидеме посилни како општество. Република Северна Македонија е мултиетничка и мултикултурна држава, токму оваа Влада од 2017 година го промовира концептот - Едно општество за сите и токму тоа нѐ прави уникатни. Ова денеска го изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Таа се обрати на конференцијата „Различностите, благослов или проклетство“, во организација на Цивил со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.

Целта на оваа конференција, како што наведуваат од Министерството за труд и социјална политика, е да даде придонес кон општествениот дијалог и креирањето политики и практики за поддршка и унапредување на мултикултурализмот во македонското општество.

Според министерката, Владата верува во вредностите на толеранција и инклузија како и во можноста секој поединец да одлучува во општеството. Министерката посочи дека како социјалдемократска Влада, политиките и законите ги креираат водејќи се од праведноста, еднаквоста и солидарноста.

- Министерството за труд и социјална политика има големо портфолио на надлежности, а таму е проткаено и прифаќањето на различностите. Тука спаѓа и социјалната инклузија и лицата со попреченост, во нашата работа го земаме еднаквиот пристап кон сите граѓани, нагласи Тренчевска.

Таа го истакна и Законот за заштита и спречување од дискриминација, што посочи дека е усогласен со сите европски стандарди, за да може да се обезбеди заштита на сите граѓани, кои сметаат дека имаат нееднаков третман во општеството.

На конференцијата се обратија и Роберт Алаѓозовски - национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Санела Шкриељ, пратеничка во Собранието на државава, Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан, универзитетскиот професор Рубин Земон, владиниот советник за инклузија на Роми, Елвис Мемети, Мерсиха Смаиловиќ од „Легис“ и Луан Имери од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. бд/са/

Остани поврзан