Трајчевски: Голем предизвик е етичките и професионални принципи да се применуваат и од интернет медиумите
- Нерегулираниот медиумски интернет простор создава несоодветни модели за младите и целото општество, но и опасности, порачаа учесниците на денешната дискусија „Справување со говорот на омраза во медиумите и онлајн просторот“, во рамки на четвртиот јавен состанок на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги.
Скопје, 21 декември 2023 (МИА) – Нерегулираниот медиумски интернет простор создава несоодветни модели за младите и целото општество, но и опасности, порачаа учесниците на денешната дискусија „Справување со говорот на омраза во медиумите и онлајн просторот“, во рамки на четвртиот јавен состанок на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги.
Учесниците оценија дека на говорот на омраза, клеветите и навредите присутни во дел од интернет медиумите треба да се спротивставиме со регулирање на работењето, јасно дефинирање на надлежностите на институциите, но и со тоа што секој ќе си го сработи својот дел од работата, вклучувајќи ги и медиумите со примена на професионалните стандарди и принципи.
На состанокот беа емитувани примери со видео содржини со говор на омраза и беше посочено дека во нашата дигитална сфера се појавуваат секакви ликови со контроверзни ставови кои шират говор на омраза, кои се опасност за општеството. Беше упатен апел да се внимава кој ќе биде поканет во дебати, да се прави опсервација на видео содржините што се објавуваат, ... Ова, како што беше речено, е особено важно по трагедиите со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и присуството во интернет просторот на првоосомничениот за убиството.
-Голем предизвик е етичките и професионалните принципи кои важат за традиционалните медиуми да се применуваат и од страна на интернет-медиумите и воопшто субјектите во интернет просторот, оцени претседателот на АВМУ Зоран Трајчевски.
Тој посочи дека со последното усогласување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со ревидираната Директива, предмет на регулација се и нови субјекти како платформите за споделување видеа и инфлуенсерите. Во следниот период, најави Трајчевски, Агенцијата ќе треба да ги донесе сите подзаконски акти, со коишто ќе се појаснат, доуредат и разработат постојните законски одредби за да се овозможи нивна примена. Овој процес е започнат со поддршка на Твининг проект во рамки на кој се работи на изработка на подзаконските акти кои се неопходни за да може непосредно и правилно да се спроведат одредбите од законот, појасни претседателот на АВМУ.
На подготовка на подзаконските акти, АВМУ работи со германски експерт. Се очекува да бидат подготвени до април-март следната година, со инклузивност во процесот, односно увид и подобрување на текстот од сите засегнати страни, вклучително и традиционалните медиуми.
Унапредувањето на медиумската регулатива е дел од утврдените регулаторни цели во Стратешкиот план на АВМУ за периодот од 2024 до 2028 година. Клучни цели се и засилување на слободата на изразување и медиумскиот плурализам, зголемување на конкурентноста и одржливоста на медиумскиот пазар, понатамошен развој на медиумската писменост и поттикнување на социјалната инклузија, јакнење на саморегулацијата и корегулацијата, зајакнување на заштитата на малолетната публика и транспарентност на медиумската сопственост.
На јавниот состанок беше соопштено дека Советот на АВМУ во четвртиот квартал годинава заради констатирани непочитувања на одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми, донел 16 јавни опомени за седум радиодифузери.
За издавачите на печатени медиуми поради неисполнување во целост на обврската за објава на импресум, изречени се три мерки јавна опомена. Донесено е и едно решение за јавно опоменување и за исклучување на реемитувањето на програмскиот сервис поради реемитување програмски сервис, кој не е регистриран во Агенцијата. Исто така, спроведени се три постапки за порамнување - постапки за издавање на прекршочен платен налог, од кои две завршиле неуспешно, а третата е во тек.
Донесена е и Одлука со која на ТРД КТВ од Кавадарци му е доделена дозвола за телевизиско емитување на програмски сервис, преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс, со претежно забавен општ формат, на македонски јазик. Ќе емитува програма на регионално ниво, на подрачјето на општина Велес, Чашка, Свети Николе, Лозово, Градско, Росоман, Неготино и дел од општината Кавадарци. Исто така, донесени се и четири одлуки за промена на сопственичка структура за регионалните радија Лајф, Арачина и Џез ФМ и регионалната телевизија Вистел, откако било констатирано дека со предложените промени не се создава недозволена медиумска концентрација и не се спротивни на забраните утврдени во Законот.
Издадени се и 28 потврди за регистрација на програмски пакети. До имателите на права е доставено едно известување врз основа на извршен програмски надзор каде Агенцијата утврдила дека оператор на јавна електронска комуникациска мрежа бесправно реемитува програмски сервис кој не е регистриран.
Конкретно, при редовни програмски и административни надзори за повеќе законски обврски е констатирано дека МРТ 3 на 4 октомври 2023 година, во делот од емитуваните програми, не ги објавил податоците што е должен да ги емитува на соодветно место за секоја содржина од програмскиот сервис. Законот не го почитуваа и МРТ 4 и MРT 5 кои не емитуваа најмалку 40 проценти програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела. При надозорот на националните комерцијални телевизии кај ТВ Алсат-М е констатирано прекршување на условите за рекламирање и телешопинг, кај ТВ Сител на забраната за прикриени аудиовизуелни комерцијални комуникации и кај ТВ Телма прекршување на правилата за заштита на малолетните лица и обврските за објава на импресум.
При надзори кај радијата е констатирано дека ЕФ-ЕМ 90.3 Спортско Радио на програмата емитувана на 5 септември, ниту на најавната, ниту на одјавната шпица не ги објавиле податоците за импресум во целините од радио вестите, насловени: „Спортски вести на 90,0 ЕФ-ЕМ“, додека Радио Скај Теодор на програмата емитувана на 4 септември не емитувале најмалку 10 проценти музика на македонски јазик во периодот од 6:00 до 24:00 часот. За сторените прекршувања на сите радиодифузери им е изречена мерка јавна опомена и даден им е временски рок за усогласување со Законот.
Утврдено е и дека регионалната Непрофитна радиодифузна установа УНИВЕРЗУМ Скопје не ги исполнува условите од Правилникот и на 12. месецов е покрената постапка за одземање на дозволата. Во редовен административен надзор над 22 издавачи на печатени медиуми во октомври, било контатирано дека обврската за објавување импресум не била во целост исполнета кај Нова Македонија, Народен Лекар и Слово, на кои им била изречена мерка јавна опомена.
Во текот на четвртиот квартал, контролирани се и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и утврдено е прекршувања кај операторот ВИНСАТ КАБЕЛ Виница за реемитување нерегистрирани програмски сервиси и кај Тотал ТВ заради необезбедување на програмските сервиси на Јавниот радиодифузен сервис. За констатираните прекршувања на операторот ВИНСАТ КАБЕЛ му беше изречена мерка јавна опомена, по што се изврши контролен надзор кој покажа дека во целост е постапено по изречената мерка. За операторот Тотал ТВ поради тоа што продолжил со вршење на истата повреда за која беше претходно опоменат, поведена е прекршочна постапка пред надлежен суд. лв/ац/
Фото: МИА архива/АВМУ