• недела, 24 ноември 2024

Трајковски: Најдоброто за Делчево значи инвестиции во инфраструктура

Трајковски: Најдоброто за Делчево значи инвестиции во инфраструктура
Делчево, 28 септември 2021 (МИА) - Како одговорна и лојална на граѓаните локална власт, посветени сме на локалниот економски развој на нашата општина кој треба да донесе подобар квалитет на животот на нашите граѓани. Ова на прес-конференција го истакна кандидатот за градоначалник на Општина Делчево од СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина, Горан Трајковски кој потенцираше дека визијата за развојот на Делчево во наредните четири години е Општина Делчево да прерасне во атрактивно место за живеење, да е иницијатор и промотор на севкупниот економски раст и да нуди добра бизнис-клима со одлични услови за одржлив социоекономски, туристички и културен развој. - Најдоброто за Делчево значи инвестиции во инфраструктура и рурален развој и ЛЕР, инвестиции во чиста вода за пиење и чиста, здрава животна средина, инвестиции во енергетска ефикасност, инвестиции во образование, транспарентност и отчетност и отворена, услужна и родово одговорна општина, а во програмата се понудени околу 150 проекти и сите се во насока на подобрување на квалитетот на животот и одговор на барањата на граѓаните на Делчево, и од градот и од руралните средини, додека 10 проекти издвојуваме како најважни за Делчево, рече Трајковски. Најави дека негов приоритет доколку ја добие довербата на граѓаните во периодот 2021-2025 ќе биде изградба на нова детска градинка во населба Расадник, изградба на пречистителна станица за отпадни води како и инвестиции во чиста вода за пиење. - Исто така тука ќе ја набројам и реконструкцијата на дел од водоводната мрежа во дел од населбите М.Брдо и Н.Делчево, смена на потисен цевковод во Трети Реон, Старо Делчево до резервоарот, смена на водоводната мрежа во населба Втори Реон, Старо Делчево, пуштање во употреба на нова современа пречистителна станица за вода и нов водоводен систем во Ѕвегор и Габрово, проект за паметно осветлување на градот, реконструкција на градскиот парк, изработка на проект за водоснабдување на Голак, додаде Трајковски. Меѓу останатите проекти кои напомена дека ќе бидат негов приоритет, Трајковски ја напомена доизградбата на кејот на река Брегалница во централното градско подрачје, реконструкцијата на локалните патишта до село Габрово и село Стамер, изградба на инфраструктура во цела Општина како и инвестиции во централното градско подрачје во инфраструктура и изградба на скејт-парк и две фонтани во централното градско подрачје. - За нас зборот е збор, граѓанинот е на прво место и Коалицијата „Најдоброто за Делчево“ е висинскиот адут кој носи просперитет и развој за нашето Делчево, рече на крајот од прес-конференцијата кандидатот за градоначалник Горан Трајковски. вс/мс/

Остани поврзан