• сабота, 16 ноември 2024

Трајанов: Прво закон за една изборна единица, потоа избори и на крајот уставни промени

Трајанов: Прво закон за една изборна единица, потоа избори и на крајот уставни промени

Скопје, 11 јануари 2023 (МИА) – Прво закон за една изборна единица, потоа избори и на крајот уставни промени, е ставот на претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, според кого приоритет се измени на изборниот законик, додека предвремени избори се прифатливи, но само доколку партиите излезат со дефиниран став за уставните измени.

Во вечерашното гостување на Телевизија 24, Трајанов кажа дека неговиот став е прво да се донесат измените на изборниот законик, кои ќе создадат еднакви услови за политички натпревар.

- Таму се потребни коренити промени, не може во изборниот законик да имаат системска предност четири политички партии, времето за реклама, средства и така натаму. Прво, закон за една изборна единица, решенија коишто ќе создадат еднакви услови за политички натпревар, после тоа избори, што значи менувањето на Уставот би го оставиле после предвремени парламентарни избори, рече тој.

Според него, доколку сакаме процесот за евроинтеграција да се движи брзо, треба прво да се одржат избори.

- Доколку сакаат да се движи тој процес позабрзано, нека се одржат избори и после тоа нека се направи широка коалициска влада, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и другите политички партии, вклучително албанските политички партии соодветно нека бидат застапени, како и сите етнички заедници во владата, и таа влада и тој новоизбран парламент, нека го забрза процесот за евроинтеграцијата, ако одлучи да го менува Уставот нека го менува, посочи Трајанов.

Според него, ниту една коалиција не е направена и ниту една политичка партија во својата стратегија за избори немала наведено дека ќе го менува повторно Уставот без каков било реципроцитет од страна на Бугарија.

- Немам никаков проблем Бугарија да биде дел од Уставот, но, нека направат мал чекор Бугарите, нека го признаат македонското национално малцинство, тогаш мислам дека ќе имаме образ да ги менуваме работите, а не вака како што се поставени, под уцени и диктат, смета тој.

На прашањето дали како Демократски сојуз ќе го поддржат евентуалното гласање на новата Влада што би требало да се донесе после 15 јануари, тој одговори дека за тоа ќе се координира со помалите политички партии.

- За тоа ќе барам координација со помалите политички партии, да се договориме, и ќе тргнеме од нашите национални интереси, апсолутно нема да водиме сметка за партиите, за поединците, ако е во национален интерес. Јас ќе поддржам таква влада, ако 25 проценти од владата ги добијат албанските партии. Но, ако има 10 или 11 министерства што ќе ги добијат партиите на албанската етничка заедница, тогаш мислам дека ќе се отвори огромен проблем, ќе се создадат незадоволства, тензии во државата, бидејќи конститутивниот народ, македонскиот народ, нема да биде соодветно застапен во извршната власт, владата, којашто е практично носител на сите активности во државата, рече Трајанов. ар/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан