• понеделник, 23 декември 2024

Транспаренси Интернешнл - ДКСК: Мало подобрување во примената на Законот за заштита на укажувачите

Транспаренси Интернешнл - ДКСК: Мало подобрување во примената на Законот за заштита на укажувачите
Скопје, 7 октомври 2021 (МИА) - Иако повеќе од институциите имаат воспоставено систем на заштитено внатрешно пријавување, не ја исполниле обврската за доставување извештај до Државната комисија за спречување на корупција од причина што немаат примени пријави од укажувачи, покажуваат искуствата од имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите кои беа презентирани на денешната работилница на Транспаренси Интернешнл и ДКСК. Анализата на примените полугодишни извештаи покажува дека има мало подобрување во примената на Законот за заштита на укажувачите во однос на заштитено внатрешно пријавување. Поднесените пријави преку каналот на внатрешно пријавување кој е воспоставен во институциите, покажува дека граѓаните се охрабруваат да ја користат оваа можност за пријавување на сомневање/сознание за незаконитости или неправилности во работењето на институциите. Од страна на институциите, кои во рамки на внатрешното пријавување примиле пријави од укажувачи, известено е дека постапиле согласно законот, спроведени се конкретни дејствија во насока на проверка на наводите во пријавите и се презеле конкретни мерки согласно закон. Претседателката на Транспаренси Интернешнл - Македонија, Слаѓана Тасева, укажа на недостатокот на систем што ќе обезбеди поддршка за укажувачите и лицата кои ги примаат пријавите. - Имаме закон, но немаме систем за заштита на укажувачите. Само еден случај имаме идентификувано од почеток до крај. Мораме да видиме во што е проблемот, зошто е тоа така, треба ли да се вклучи инспекција или поголеми санкции, дали е одговорот во дополнување на законот, мислам не, рече Тасевска, која порача дека треба подобра организација. Според Билјана Ивановска, претседателка на Државна комисија за спречување на корупција, законот заживува и охрабрува фактот дека, како што рече, гледаме сѐ поголем број луѓе кои се присутни за вмрежување на системот на заштита. - Факт е дека треба охрабрување на луѓето, да бидат сигурни дека се безбедни и нема да сносат последици, тоа се основните причини да се охрабрат да пријавуваат, рече таа. Ивановска информираше дека од минатата година е развиен софтвер кој овозможува укажувачите да пријават неправилности оставајќи го својот ИД број без никакво откривање на нивната личност. Законот за заштита на укажувачите стапи на сила на 18 ноември 2015 година, а започна да се применува на 18 март 2016 година. Оттогаш секој може да пријави случај на кривично дело или друго незаконито однесување и со тоа активно да се вклучи во настојувањата за законитост и владеење на правото, но и во борбата против корупцијата. Законот обезбедува заштита за оној што ќе пријави и за неговите блиски лица. ар/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан