• понеделник, 23 декември 2024

Трамп за пресудата на Врховниот суд: Голема и важна победа за Америка

Трамп за пресудата на Врховниот суд: Голема и важна победа за Америка

Вашингтон, 4 март 2024 (МИА) - Кандидатот на Републиканската партија за претседателска номинација Доналд Трамп денеска изјави дека одлуката на Врховниот суд на САД, која му дозволи да остане на гласачкото ливче во Колорадо, претставува голема победа за Америка.

-Ова е голема победа за Америка. Многу, многу важна. Подеднакво важна за нашата земја ќе биде и одлуката што Врховниот суд наскоро ќе ја донесе за претседателскиот имунитет - без која функцијата на претседателот би станала само церемонијална, што е далеку од она што основачите сакаа, рече Трамп во изјава за Фокс њуз.

Тој додаде дека ниту еден претседател не може да функционира правилно и ефикасно без „тотален имунитет“.

-Нашата земја би била изложена на голем ризик, рече Трамп.

Врховниот суд на САД денеска едногласно застана на страната на поранешниот претседател, поништувајќи ја одлуката на државата Колорадо со која беше дисквалификуван поради неговата наводна вмешаност во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.

Судиите на Врховниот суд одлуката ја соопштија ден пред утрешниот „супер вторник“, кога републиканците во 15 сојузни држави одат на внатрепартиски избори. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан