• петок, 22 ноември 2024

Трамп: Ако победам, ќе го депортирам принцот Хари доколку лажел на апликацијата за виза

Трамп: Ако победам, ќе го депортирам принцот Хари доколку лажел на апликацијата за виза

Вашингтон, 19 март 2024 (МИА) - Поранешниот американски претседател и републикански кандидат за позицијата на изборите во ноември, во интервју за презентерот на телевизијата Џи-Би Њуз (GB News), Најџел Фараж, навести дека војводата од Сасекс, принцот Хари, нема да добие „посебни привилегии“ доколку лажел за неговата употреба на дрога во неговата апликација за виза.

Принцот Хари од 2020 година престојува во САД, каде живее во вилата Монтесито со сопругата Меган Маркл, нивните две деца Арчи и Лилибет.

Во својата автобиографија „Ризрв“ („Reserve“), принцот Хари откри дека се дрогирал. Во книгата тој признал дека користел кокаин, канабис и психоделични печурки.

За време на интервјуто, кое денеска во целост ќе се емитува на британската телевизија, Фараж го праша Доналд Трамп дали Хари треба да ужива „посебни привилегии“ доколку се утврди дека не ја кажал вистината.

-Ќе треба да видиме дали (властите) знаат нешто за дрогата, и ако лажел, ќе мора да преземат соодветни мерки, одговори Трамп, иако не кажа јасно какви треба да бидат тие мерки.

Претходно, поранешниот американски претседател изјави дека „нема да го заштити“ Хари затоа што „ја предал кралицата“. 

Хари призна дека користел кокаин и марихуана во минатото. Во една прилика изјавил дека канабисот му помогнал да ја излечи траумата од смртта на мајка му.

Принцот рече дека користел ајахуаска, психоделичен лек, велејќи дека разбира дека неговата мајка сака тој да биде „среќен“.

Секој што аплицира за виза за живеење и работа во Америка мора да одговори со „да“ или „не“ на прашањето: „Дали сте или некогаш сте биле наркоман или зависник од дрога?“.

Апликацијата за американска виза на Хари во март 2020 година може да покаже дека тој го штиклирал полето „не“ на прашањата за неговата употреба на дрога. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан