• понеделник, 23 декември 2024

Тошковски: Решението на проблемот со личните документи е измена на два закона

Тошковски: Решението на проблемот со личните документи е измена на два закона

Скопје, 11 февруари 2024 (МИА) – Ако има политичка волја за еден ден ќе се реши проблемот со личните документи, вели техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

Решението, според Тошковски, е измени на два закона, за лични документи и за безбедност во сообраќајот.

-          Спремно ми е. Едниот Предлог на закон за измени на Закон за патни исправи на државјаните, еве го спремен е. Еве го другиот. Предлог на закон за изменување на Закон за безбедност во сообраќајот и патиштата. Еве ги спремни се, за еден ден. Решение има, само треба да имаат политичка волја, изјави Тошковски во интервју на телевизија Канал 5.

МВР денеска соопшти дека од 13 февруари годинава важат само пасошите и возачките дозволи со новото име.

-          Го замолувам граѓаните кои немаат патна исправа со новото име да не се упатуваат кон граница, заради тоа што службениците ќе мора да постапат по закон и ќе мора да ги вратат назад. Второ, согласно Законот за безбедност во сообраќајот од 13.02.2024 година, возачките дозволи кои што се со старото име повеќе нема да важат, нити за внатрешна, нити за надворешна употреба, изјави Тошковски.

Граѓаните со возачки дозволи со старото име, Тошковски ги повика, да не управуваат моторни возила.

-  Да не управуваат ниту во Македонија, ниту надвор од Македонија. Не дека МВР ќе казнувало, тоа не е суштината. Суштината е дека ако се случи некоја сообраќајна несреќа осигурителните компании ќе имаат право на регрес, само заради основот што возачката дозвола повеќе е не важечка, рече Тошковски.

Тошковски информира дека со лична карта со старото име ќе може да се излезе кон Србија, Албанија и Косово, но не може да гарантира дека пограничните власти во тие земји ќе ги пропуштат граѓаните.

Она што го предлага, според Тошковски е согласно сите меѓународни акти кои ги гарантираат основните човекови прави.

-          Со тоа што ќе забраниме излез на македонските граѓани го кршиме основното човеково право на движење... државата ќе треба да плати надомест за штета на секој еден граѓанин, на кој ќе му оневозможи да излезе од државата, а е со валидна патна исправа од аспект на втиснат датум, со старо име. Тоа го имаме од една страна, а од друга страна, нема кршење на меѓународни договори ако се усогласат техничките рокови од Преспанскиот договор врз основа на објективните човекови и технички капацитети на Република Македонија. Во секој случај само може да ја исполниме суштината на истиот, а во никој случај да ги прекршиме техничките рокови, посочи Тошковски.  

Со меѓународен билатерален договор, според Тошковски, не смее да се кршат човекови права и, како што посочи, ова е резултат на незнаење и неодговорност на властите. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан