Тошковски: МВР ќе ги искористи своите капацитети во превенција и соодветно алармирање на сите институции поврзани со еколошки криминалитет
- Тоа во пракса, како што посочи Тошковски, значи дека ќе бидат вклучени не само капацитетите на МВР, туку и капацитетите на Агенцијата за национална безбедност и ќе бидат максимално интензивирани набљудувачките системи коишто ги има МВР, не само на СВР Скопје, туку и на Организиран криминал, Гранична полиција и капацитеите на останатите организациони единици...
Скопје, 15 септември 2025 (МИА) – Министерството за внатрешни работи ќе ги искористи своите максимални капацитети во делот на превенција, набљудување и соодветно алармирање на сите останати институции поврзани со еколошки криминалитет, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, прашан какви дејствија се преземаат за спречување евентуални пожари, доколку имаат информации дека станува збор за некаков напад.
Тоа во пракса, како што посочи Тошковски, значи дека ќе бидат вклучени не само капацитетите на МВР, туку и капацитетите на Агенцијата за национална безбедност и ќе бидат максимално интензивирани набљудувачките системи коишто ги има МВР, не само на СВР Скопје, туку и на Организиран криминал, Гранична полиција и капацитеите на останатите организациони единици...
-Фокусирани сме на набљудување на овој проблем, на преземање на конкретни чекори на расветлување, како на она што се случи, така и на превентивни дејствија во однос на сите останати ризични точки кои што ги имаме. За жал, не би можел да говорам во детали, но сето она што треба да го правиме, го правиме, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по јавното уништување на запленети наркотични дроги и оружје во кругот на фабриката „Макстил“, Тошковски.
Во насока на преземање на оперативни дејствија во рамки на надлежностите на МВР, Тошковски информираше дека во склоп на оперативната акција „Пожар“ во текот на неделата веќе дал јасни насоки максимално да се конкретизираат сите потенцијални жаришта поврзани со еколошки криминал.
-Повеќе не би сакал да навлегувам во детали... се она што можеме да го преземаме, го преземаме. Во текот на вчерашниот ден имаше поголема координативна средба во МВР, при што бев известен од директорот на БЈБ дека во континуитет се преземаат оние дејствија коишто треба да се преземаат во насока на потребни превентивни дејствија коишто се во надлежност на МВР. Постапуваме, работиме, се надевам дека соодветно ќе одговориме во иднина на сите предизвици, изјави Тошковски.
Во рамки на оперативната акција „Пожар“, која е отворена на почетокот на летото, Тошковски посочи дека досега лишени се над 40-тина лица од слобода и против 30-тина има поднесено кривични пријави.
-Дел од тие лица се уште се во притвор, дел од кривичните постапки се влезени во втора фаза и преземаме се она што можеме да преземеме и сме должни да го преземеме како МВР, нагласи Тошковски.
Во однос на пожарот во Трубарево, Тошковски рече дека станува збор за пожар од поголеми размери и согласно информациите од експерти од форензика, увид на местото на пожарот може да се врши најрано 24 часа, а препорачано би било 48 часа по целсоно изгаснување.
-За да можеме точно да ги утврдиме причините за пожарот прво што треба да направиме е увид на лице место, така што во тој дел не би навлегол повеќе во детали во овој момент, изјави Тошковски.
Прашан дали ќе се свика Советот за безбедност, Тошковски рече дека ќе остави тоа да го одлучи оној што е надлежен.
-МВР не носи одлука дали треба да се свика или не, но мое лично мислење е дека сите институции треба максимално да бидеме фокусирани на превземање на надлежности во рамки на сетоа она коешто можеме да го направиме се со цел да имаме побезбедно Скопје и побезбедна Македонија, изјави Тошковски. аа/вг/
Фото: МИА архива