• понеделник, 23 декември 2024

Тошковски: Вандализмот врз спомен плочата кај „Карпалак“ е директен напад врз нашата колективна меморија

Тошковски: Вандализмот врз спомен плочата кај „Карпалак“ е директен напад врз нашата колективна меморија

Скопје, 9 август 2024 (МИА) - Како министер за внатрешни работи, а пред сè како човек, најостро го осудувам вандализмот врз спомен плочата кај „Карпалак“, поставена во чест на загинатите припадници на нашите безбедносни сили во 2001 година, напиша вечерва министерот Панче Тошковски на неговата „Фејсбук“ страница.

- Овој чин е директен напад врз нашата колективна меморија и кон оние кои го дадоа својот живот за зачувување на безбедноста и интегритетот на Македонија. Сакам да потенцирам дека ваквите дејствија нема да бидат толерирани, а МВР ќе ги преземе сите неопходни мерки за санкционирање на сторителите на овие кукавички дела, сè со цел, заштита на нашите културни и историски вредности, пишува во објавата.

Денеска во 11.05 часот во СВР - Тетово било пријавено дека е оштетена спомен плочата поставена кај „Карпалак“.

Случајот го осудија и од Министерството за одбрана, од каде нагласија дека се преземаат активности за поставување нова спомен плоча, најбрзо што може.

Вчера во „Карпалак“ на патот Скопје - Тетово, беше одбележан трагичниот настан од пред 23 години, кога за време на конфликтот од 2001 година, конвој од бранителите бил нападнат од страна на терористите од т.н. ОНА. Во нападот каде биле користени ракетни фрлачи и тешки митралези, животот го загубиле 10 бранители, сите од Прилеп, кои со камиони се упатувале кон касарната во Тетово.

На 8 август 2001 година, на ова место биле убиени Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски. бд/аа/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан